Живот од детска насмевка

Кире Туманоски, три месеци изработува животни од балони за евро

Лете е во Будва, а в зиме во Грција каде витка имиња од жица

Анимацијата ја научил сам, но редовно го придружува Бранко Метларот на секоја Прочка

Живее да издејствува насмевка на детските лица. Да ги направи среќни со различните животински форми изработени од балони. И тогаш кога облечен во кловн, со црвен нос и нашминкани очи и уста, ќе ја заврши својата креација од балони кои се по еден метар долги, а за некои составува и по неколку, ќе ја подаде раката да му се плати трудот, кој го чини најмалку едно евро. 36 годишниот Кире Туманоски е кловн кој ги анимира децата и заработува за живот секоја година, по три месеци лете во Будва. Идејата се родила во Атина додека изработувал имиња од жица, пред десетина години. Го бркала полицијата, а Кире забележал дека “димосите” или комуналните инспектори не му дозволувале никому, а не го гибале кловнот од Полска од другата страна на улицата. Него никој не го бркаше, а јас отвори таблата и избркајме. Научив каде има балони во Атина, купив и книга за изработка на фигури. Користев и интернет и полека научив да изработувам секакви фигури од балоните, долги по еден метар. Можам да изработам преку 45 – 50 фигури од животни. Како што доаѓа секое дете, така му правам различни животни, папагал, мечка и т.н. Имам свирче изработено во Германија кое произведува звуци од птици, а јас со празни раце ги анимирам минувачите, особено децата. Кога застана Џогани со детето, се собра цела улица, се блокира – вели Кире.

Животински креации од метро

Неговите реквизити се пумпа за балончиња, балони и кловновска облека. Остава само цвеќе, срце или палма за декорација, односно да го обележи своето место на улица. Вели дека купува квалитетни балони од 6 евра, кои не “квичат” и не ги плаши децата. Не користи ни конец, ни лепило, знае да поврзе и 4 – 5 балони да создаде” животинска” форма, која ќе им се допадне на детските очи. За нецела минута прави една фигура. Наплаќа за својот труд и му вели на муштериите дека цената е едно евро, па нагоре. Работам од 2 – 3 часа дневно. Во 19 часот почнувам да се шминкам сам и од 19.30 до 23 часот сум на улица додека има деца кои шетаат со родителите. Преку ден изработувам имиња од жица, сечам профили од хартија со ножица. Во Будва имам муштерии кои редовно оставаат по 5 евра. Едноставно детето не го остава родителот да замине. Со мене се заедно и синот кој е 3 години и сопругата – вели Кире.

Улицата место за заработка

Објаснува дека дарбата за уменоста, за анимацијата, за забава ја носи од дете. И успеал да ја преточи во бизнис. Заработува доволно за живот. Во зимскиот период оди во Грција да витка имиња од жица. Дарбата ја носам во себе. Во 2000 г. заминав со пријател на Родос да изработуваат украсни свеќи. И започнав да виткам и имиња – вели Кире. Има два зимски кловновски костими и 3 – 4 летни. Секоја година шие нови, 12-13 евра го чинат. Од 1 декември заминува во Атина на Ерму, да витка и пишува имиња на улица. Не сум помислувал дека вака ќе вадам леб. Не се срамам од никого, чесно заработувам, на никого не сум му борчлија. Кловнот треба да насмее, а децата да бидат задоволни. Колку и да си добар, сепак е улична работа – вели Кире. Вели дека кловновската работа не е тешка, но треба да се знае, да се умее, да се издејствува задоволство на детското лице. Со прочкарите е од дете. Покрај Бранко Најдоски – Метларот е од мали нозе. Сака да се маскира. Преправањето му е во крвта, учествувал во маската Тајане Бојане, ја водел камилата во маската со Евлија Челебија. Лани за Прочка го ангажирала локалната самоуправа да биде кловн на плоштадот. Засега две деца се негова “школа”, кои одат по роденденски забави и ги анимираат најмалите.

Разнесува и роденденски подароци

Како кловн Кире разнесува и роденденски подароци, му се случува во денот да разнесе подароци и на десет родендени на туристите на одмор. Интересно е, кога ќе му се приближам на друштвото, само еден знае зошто приоѓам и ќе ги изненадам. Побогатите туристи ме прашуваат за саат време колку балони можам да направам. Еднаш успеав за еден саат да заработам 150 евра, правејќи балони кои чинат по едно евро. За роденден кога одам да однесам подарок наплаќам по 30-40 евра во зависност од подарокот кој го изработувам, на пример голем Пинк Пантер и слично – вели Кире.

Србите и Русите најмногу фрлаат пари за деца

Веќе 10 години секое лето, на Туманоски, Будва му е летна бизнис дестинација. Таму е, оти има разни гости. Најдарежливи се Србите и Русите. Најмногу од фигурите се во форма на животни. Успевам за 10 дена, колку што трае вообичаено еден летен одмор, за децата да понудам секој ден различна фигура. Некогаш на некои деца им купуваат по две фигури во денот. Србите и Русите најмногу даваат пари за децата и сакаат да им удоволуваат – вели Кире. За 1 април, кога во Скопје се одбележува денот на шегата, работел на плоштадот, но скопјани не билетолку дарежливи.

Loading