СЛУЧАЈНО ВО БИЗНИС СО ОВЦИ И ГОВЕДА

96 Славија трејд

Стада со 1800 грла овци и 65 говеда во Мариово даваат 1300 јагниња, 1200 канти сирење и јунешко месо

Веќе 11 години фирмата 96 Славија трејд на Кире Шајкароски дејстува на подрачје на Мариово во доменот на сточарството. Над 1800 овци и над 650 грла крупен добиток се стадата кои носат продукција на месо и сирење за македонскиот и европскиот пазар. Шајкароски не се жали, но не е оптимист за перспективите на сточарството. Располага со неколку сместувачки објекти во месноста Брест и покрај Лисичка река во Мариово. Да го забрза темпото на подем, смета дека државата треба да е поеластична со пасиштата. Добитокот беше сопственост на државата во поранешната фирма Агромариово, која “падна” во стечај. Тоа беше дел од фондот на стоковите резерви. Првин добитокот го презедов на одгледување, без да бидам сопственик. После три – четири години ги купив случајно стадата овци и крупен добиток, оти се шпекулираше дека ќе ги зема овој стадата, ќе ги купува оној овците, друг кравите и биковите. Не било за кого речено, туку за кого печено. Тоа беше експеримент, оти никогаш не сум го познавал сточартвото. Не е лесно да се одгледува добиток, и тоа како прво бизнис искуство. Непознавањето на сточарството е ризично, оти добитокот е живо суштество. Не знае да каже за мака, па да му се бара чаре. Сепак, за почетокот, излезе дека може да се профитира солидно со добро менаџирање. Произведувам околу 1300 јагниња годишно и 1200 канти сирење – вели Шајкароски. Инвестицијата не била многу голема, но опасноста висела, зашто одгледувањето добиток не е само пасење овци и собирање “мед и млеко”. Располагам со огромни капацитети за одгледување овци и модерна мандра за производство на сирење. Во објектите може да се одгледуваат 15 илјади грла овци – кажува Шајкароски. Бизнисот може да се развива со побрз ритам ако државата му овозможи поголеми простори пасишта. Нема пасишта за стоката, зашто поголем дел е заштитен како шума. Добив околу 50 пријави, иако по законот е евидентиран дел од просторот за пасишта, покриен со договор со ЈП за пасишта. Некои други фирми кренаа огромни штали за летно напасување на добиток кај Железна врата, на македонско – грчката граница. Таму мојот добиток нема пристап и не може “да намириса” трева. А само еден ден да не се напаси квалитетно, следниот ден млечноста паѓа најмалку 20 отсто. Проблемот е административен, иако има простор да се одгледуваат половина милион овци – вели Шајкароски. Крупниот добиток има добри шанси за развој. Ако се води на квалитетните пасишта покрај шумите во планината, а не долу покрај реката каде лете пука каменот од горештина, ќе се зголеми продукцијата месо за најмалку 50 отсто. Додека кај нас се стегаат обрачите за напасување, добитокот од Грција не знае граници и влегува на нашата територија во Мариово.

Амбиентален ресторан на Брест

Фирмата 96 Славија трејд ќе развива селски туризам со градбата на ресторан на околу 140 квадрати во мариовската архитектура во месноста Брест во Мариово. Ресторанот се гради исклучиво во камен, со фурни и други мариовски експонати. И опремата ќе биде во мариовски стил со троножци, синии… Ќе се служат исклучиво специјалитети од домашна продукција, сирење, зелници, сопствено јагнешко и телешко, тави, посни јадења и леб печен на дрво, познат на старите мариовски домаќинки. Објектот за скоро ќе биде ставен во функција – вели Шајкароски. Тој одамна произведува и натрон вреќи за брашно во втората фирма “Нели ти реков”.

Loading