СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ

Поминаа Струшките вечери на поезијата. Барем во таквите пригоди треба да слушаме чист македонски литературен јазик. За жал, не е така. Уште при самото отворање водителот неколку пати употребува ОТВАРАЊЕ, грешка што многу пати и на многу места ја слушаме. Треба – ОТВОРАЊЕ, а не ОТВАРАЊЕ. Именката е ОТВОР, глаголот ОТВОРА. Водителот, веројатно со стремеж да зборува чисто македонски па вели – ДОБРА ВЕЧЕР, наместо ДОБРОВЕЧЕР. Не треба да се оди по таа линија дека ако е ден ќе биде ДОБАР ДЕН, ако е утро – ДОБРО УТРО, а штом е вечер – ДОБРА ВЕЧЕР. Треба да биде ДОБРОВЕЧЕР. Се пишува слеано. За ова во некоја друга пригода. Барем во вакви исклучителни случаи лекторите треба да бидат консултирани. А можеби и биле. Можеби толкав е и нивниот капацитет. Не може да се дозволи, во напишан текст, повеќе пати да се употребува зборот ПЛЕМЕНИТО, дека поезијата ОПЛЕМЕНУВАЛА. Македонскиот збор е БЛАГОРОДНО, а не ПЛЕМЕНИТО. Поезијата ОБЛАГОРОДУВА, а не ОПЛЕМЕНУВА. Во еден момент водителот вели дека Струшките вечери биле најзначајна манифестација во земјата. Грешка. Треба да гласи во ЗЕМЈАВА, а не во ЗЕМЈАТА. Станува збор за ОВАА земја, за НАШАВА земја, а не воопшто во ЗЕМЈАТА. Друг пат сме пишувале за погрешната употреба на титуларната именка ГОСПОДИН, но изгледа за тоа никого не го боли главата. Чудно е зошто не реагираат лекторите. Именката ГОСПОДИН (ГОСПОЃА) никогаш не се членува, ако е заедно со името на соодветната личност. Не се вели – ГОСПОДИНОТ Јанкоски или ГОСПОЃАТА Стојаноска. Треба ГОСПОДИН Јанкоски и ГОСПОЃА Стојаноска. Истото се однесува и за вокативната форма. Кога се обраќаме, кога повикуваме, нема да речеме – ГОСПОДИНЕ Јанкоски, туку ГОСПОДИН Јанкоски. Ако е именката ГОСПОДИН (ГОСПОЃА) сама, тоа е веќе друга работа. Тука именката ќе биде членувана – “Дојде ГОСПОДИНОТ што го чекавте”, но – “Дојде ГОСПОДИН Јанкоски”. При обраќање – “ГОСПОДИНЕ, ве молам дојдете”. Но, – “ГОСПОДИН Јанкоски ве молам дојдете”. На Струшките вечери се изнаслушавме вакви грешки. ГОСПОЃАТА Канческа, ГОСПОДИНОТ Левчев и којзнае уште колку други. Ваквото членување на именката ГОСПОДИН ( ГОСПОЃА ) дури е и омаловажувачко, навредливо. Таквото обраќање (со ГОСПОДИН) кај нас не беше вообичаено. Сега, кога стана составен дел во нашиот Речник, речиси сите го употребуваат погрешно. Лекторите треба да обрнат поголемо внимание. Да укажуваат на погрешната употреба. Има уште едно титулирање кое кај нас не е вообичаено и не се употребувало во никакви случаи. Но, за време на Илинденските празници го чувме и тоа. Од различни медиуми. Од различни новинари. Новинарите, за претседателот и за премиерот најавија – НЕГОВАТА екселенција. Прв пат слушнавме од наши луѓе за наши луѓе вакво титулирање. Не можеме да навлегуваме во тоа дали треба или не треба така. Можеби ќе зачести употребата на вакво титулирање и кај нас. Но што ќе биде ако почнеме исто како и со ГОСПОДИНОТ и ГОСПОЃАТА да велиме ЕКСЕЛЕНЦИЈАТА. А кај нас сé е можно. Само една телевизија (особено скопска) нека почне така и епидемијата се шири незапирливо. Вакцина сé уште не е измислена.

 

Благоја Ивчески

Loading