ДОБАР ВОЈНИК НЕ СЕ ВРАЌА НАЗАД

Ита Аџиеска, сликар и арт дизајнер во САД

Со самодоверба се остварува свој пат

 

Ита Аџиеска е млада талентирана сликарка, модна дизајнерка, стилистка. Веќе неколку години живее во Њујорк, САД и работи во “Мерцедс бенц – модната недела”. Претходно искуство стекнуваше во Англија. Имаше самостојна изложба на слики на тема “Носталгија за Македонија”. Доволен повод Ита да ја разоткрие тагата во себе, за родниот град, за своите во Прилеп, но и да ја раскаже приказната за нејзиниот пат по среќата преку “големата бара”.

Слика, шминка, креира модели

Пред 18 години Ита беше млада надарена девојка со афинитети кон уметноста. Така започна нејзината дружба со сликарството. Создаде слики кои и ги претстави на јавноста. Потоа изложбите се редеа една по друга. Немирниот дух, посака надградба. Ита замина во Англија. Посетував колеџ. Работев, сликав, изложував. Сакав да се надградувам. Се ,,стесни,, во Англија и летнав во САД. Веќе сум неколку години. Сликам, работам како стилист. Творам за “Модната недела Фассон њеек”. Во Англија, која е космополитска земја, научив многу, а во Њујорк го стекнав искуството на Петта авенија. Има повеќе можности за докажување на креативноста во модата, уметноста – вели таа. Првата изложба и беше пред 18 години. Оттогаш реализирала уште 20. Вели сака да твори, да создава за Прилеп, за Македонија. На првата изложба се барав себе си. Тоа беа убави времиња. Ми недостасува Прилеп. Изложбата “Носталгија” ја посветив на иселениците, кои ја напуштаат земјата. Со боите и сликите потсетувам да се враќаат во родниот крај. Носталгијата ме предизвикува чувствата да ги ставам на платно, да ги пренесам во колорити со четка соништата од дома. Црното е мачниот живот. Се освежувам со пејзажи. Сакам мултинационално да работам. Сé да е едно, една топка, оти сите сме исти – раскажува Ита. Преокупација í е создавањето нова колекција. Мечтае догодина да направи сопствена модна ревија во Прилеп. Создава слики за изложба во Њујорк. Лесно е да се креира. И тука, во Прилеп има доста конфекции кои посветуваат внимание на модата. Догодина планирам креациите да ги пласирам тука. Да имам своја колекција – објаснува Аџиеска. Голема е конкуренцијата за просперитет во уметноста на Запад. Не се опстанува од уметност. Нужни се два-три работни ангажмани. Работам во мода, шминкам, сликам. Се трудам да постигнам нешто. Веќе ме препознаваат – објаснува Ита.

Никогаш не треба да се откажуваш од “сонот”

Вели дека никогаш не треба човек да се откажува од својот сон. Со самодоверба се тргнува по свој пат и се реализираат фантазиите. Формулата за успех насекаде е работа и упорност. Добар војник не се враќа назад. Така мислам, така зборувам. Нема врска дали животот е тежок, нужно е да се оди напред. Ако имаш талент, амбиција мора да одиш натаму. Нема прекинување, предавање – додава уметничката. Сé што работи í доаѓа од срце. Некогаш ми доаѓа да сликам, некогаш да креирам. Имам голема широчина на дејстување – објаснува младата талентирана прилепчанка, која се “проба” и како манекенка.

Loading