Во посета на Македонците во Косово
Сточарството и печалбарството им е леб на околу седум илјади Македонци – муслимани
Веќе се организира и првата политичка партија
Убав десеттосептемвриски ден. Поголема делегација од Прилеп предводена од Илија Димоски, со автобус се упати кон Гора, Косово, каде живеат Македонци со муслиманска вероисповед. Целта е да се воспостават културни и спортски врски. Патот води преку Брезовица, Призрен, Драгаш, центарот на Гора, па се до најоддалеченото село Брод. И за машините нагорнината е тешка по кривулестиот тесен друм, но сепак се стигнува. Природата убава. Пленува со зеленилото на бујната шума. Во селото чекаа мештаните, претставниците од Горанската заедница, Стојан Карајанов – амбасадорот на Македонија во Косово. Како што е ред, кафе за добредојде. Се разменија пригодни подароци меѓу гостите и домаќините. Радост блика и од детските љубопитни очи, кои ги почестија прилепчани со цртежи.
Леб од “бел свет”
Областа Гора е распослана на околу 400 километри квадратни. Има 18 села со Македонци со муслиманска вероисповед. Некогаш тука живееле околу 24 илјади Македонци, сега одвај се седум илјади. Расштркани се низ “белиот свет” по егзистенција. Оние што останале ја чуваат изолирано традицијата полна со македонскиот дух. Едно од селата е Брод. Во 220 куќи живеат 800 жители. Учат над 120 деца. Горанци го вадат лебот од сточарство и од печалбарство. Заминатите на гурбет се грижат за родната земја и оние кои останале. Децата учат на српско – бошњачки. Сакаат да учат на македонски јазик. Од државата бараат државјанства и настава на мајчин јазик. Тешко е. Но, нема чаре. Младите заминуваат по школо и после се грижат за нас. Чекам државјанство, но сон ми е децата да учат македонски – вели Ариф. Од делегацијата задоволни од посетата. Делотворна беше дружбата. Воспоставивме културни и спортски контакти. Играорците го претставија фолклорот, спортистите играа фудбал. Подготвени сме да образуваме деца од Гора во Прилеп, да им обезбедиме училиште и сместување – вели Илија Димоски. Македонија се грижи за малцинствата во други држави. Постојано се грижиме за потребите на Горанците, да ги зачувуваат традиците – вели Стојан Карајанов, амбасадор на Македонија во Косово. Исмаил Бојда, претседател на Здружението на исламизираните Македонци, раскажувајќи за историјата на овој крај, вели дека ако Македонија нема дијаспора, тогаш ништо нема. Тој е цврст на становиштето да не се менува името на државата. Тодор Петров, од СМК, потсетува дека уставна обврска е на матичната земја да се грижи за своите национални припадници во други земји. СМК им помагала за формирањето на првата политичка партија, со што Горанците ќе се вклучат активно во политичкиот живот на Косово.
Фолклор и спорт за заедничка дружба
КУД “Моминок” го претставија македонскиот фолклор. Заигра оро полетно, весело. Им се приклучија и домаќините и гостите. Ечеше македонско девојче. На фудбалски мегдан излегоа прилепски и горански фудбалери. Екипата на СОУ “Ѓорче Петров” докажа дека е најдобра. На турнирот, организиран за празникот 8 – ми Септември, младите фудбалери се закитија со трофеј, врачен од амбасадорот Стојан Карајанов. Секоја средба има крај. Така и оваа во Брод, во Гора. Со песна и тага, но со надеж, желба и прегратки, мина дружењето. Останаа впечатоците, фотографиите за потсет да не бледнеат врските со нашите, каде и да се.