Бубаќари,  папуџари и грнчари во Прилеп

Цепенкови белешки

Шума дуќани на алачи (преработувачи на памук) имаше во Прилеп пред да излези бинтот. Бубаќ суров идеше од Сер. Го купуваше еснаф. Го работеше и го продаваше на народот, го предеа и го ткаеја платно, за носење. Така, и од лен ткаеја платно и носеа. Секој мајстор имаше по дватројца калфи за стивосување бубаќот. Мајсторо само виткаше тулупи од бубаќо и го редеше во кош да ги продава. Имаше само два-три дуќана што не праеја тулупи за продавање. Само го стивосуаа да се нафрла на алишта на аз’рџиите и други луѓе. И од тој еснаф останаа само еден-два дуќана, ко за нишан в град.

Кај што работи алачот, пред него се послани стапчиња, како тезѓа. На него го стивосуаат бубаќо со јајо. Ќе удира со токмако на тетивата или чиришо и ќе кабариса бубаќо како пуфка. Со прачката ќе го крени бубаќо и ќе му го клаи пред мајсторо. Тој витка на тулупи со витело. Има еден дебел прат, та кога го држат со раката го поднаведуваат и го поткреваа, та се витка како јај. Бубаќо го предат на урка со два чатала. Го одвиткуваа тулупот и ќе го навиткаа на двата чатала на урката да го предат.

Зајрето што ги прават чевлите нашите папуџии – сафтијано и секакви мешина, астар – се купуваа од нашите табаци. Ѓоноите му идеа од Солун од еден трговец, дури за година вересија. Секој папуџиски дуќан има визба. Во дуќано се работат чевлите и во визбата се чуваа да не се избајатат. Чевлите што се работат беа повеќето готови отшто нарачани. Најмногу се продаваа чевлите за Велигден и за Божик. Дури не беа излезени кондурите со чивии и граѓаните и селаните носеа чевли од папуџиите. Имаше многу мајстори испаднати од сермијата, сторени крпачи на многу ќошиња по чаршијата. Ендезињата што кројат му се од книги на папуџиите. Откако ќе се крои пушијата, ќе се вати во џидлето да се шие пушијата. Џидлелто е колку еден аршин долго, горнио крај е расцепен и дури до кај што е стапо; со стапо надолу се клава помеѓу нозе и ќе се сошие пушијата сафтијано за мешино астарот. Откога ќе се сошие пушијата за ѓоно ќе се превртува чевело одопаку налице со силата на вастагарачо. Тоа е едно дебело дрво колку еден бастун катинтуција. Подвало е еден ремен колку една нога од стапалото да стига до над колено. Со него ја држат пушијата која ја шијат со астарот заедно. Откога ќе и превртат сите пушии, ќе ги удрат на калап чевлите. Откако ќе се потсушат ќе ги испердашат и ќе ги извадат од кал’п. Папуџиските калапи не се со нумер како кондураџисќите, ами со имиња, чивиулејак (бр. 32), каваурузгуруз (30), урузгуруз (25), зерѓанче (28) итн. Кондураџиите се од новата мода.

Грнчарите беа цели фабрики оти вадеа многу стока – зодосана (глечосана) и незодосана. Зодосаната ја вадеа грнчарите од Ресен. Градот беше прочуен по цела Македонија, поради убавата земја. Винските грниња со две рачки што за гостите и за свадбите беа тамошни. Ама, полека – лека, и нашите грнчари ватија да прават такви и уште поубави. Зато идеа и од Мегленско грнчари, потурчени Власи. Работеа само црвена стока, без зод. Дури немаше европејски пијати и други садови, полни беа куќите и полиците со вагани, ваганчиња, грниња, тенџериња, бардиња, стомни, латвици, ќупои, крондирчиња за ракија, филџани за ракија и за каве, авланчиња, каделница, кршталник за вода крштаање, калесник за канење на свадби, чамчиња за пиење вода, наместо срчените чаши што ги има сега. Правени беа од наша земја и од наши мајстори. Имињата и видот на неколку постаровременски садои се: Во крондиро се чува ракија, коа има некој домаќин повеќе, као на место бурилце. Има и мали крондирчиња што се потура ракија на гости и свадби, во филџани земјени. Калеснико служеше за канење по свадбите. Калеснико е со тричетириесе рачки, една на друга, зелен како некој гуштер. За првите две рачки се провираше една бела крпа и одеше деверо да кани сватои, полн со вино и озгора наќитен со киски босилкови и џунџуле. Кршталник – во него се крштаваше вода. Рачник за носење манџа и друго. Рачката му е до земја. Чамче – наместо чаша за пиење вода. Авланче за вино. Каделница – кога иди попо да крсти вода кади се става темјан. Бардаче за пиење вода на малите деца. Има секаква големина бардаци и ибрици. Винско грне за пиење вино. По селата, чунки граѓани, се исфрли сé што е наше, и сега со чаши срчени и со шишиња се пие вино и ракија.

Колцето од грнчарите или чарко е околу еден аршин ширина. Горното колце е околу педа и пол. Го удира со нога и се врти вретеното. Топките од земја се наредени на тезѓа. Откога ќе ја изврти една тутка, ја клава на штицата. Секоја тутка дури да ја направи на некаков сад, се топат рацете во водата пред него. Откога ќе го направи садот, со тел ќе го пресечи и ќе го клаи на штица за да се суши.

Марко Цепенков.

Loading