ДАР ЗА ЗДРАВЈЕ И ЖЕЛБИ ЗА ПОВЕЌЕДЕТНИ СРЕЌНИ СЕМЕЈСТВА

Стеван и Анита Атанасоски подарија плаштаница на Мајката Господова во црквата Благовештние

Нова плаштаница на Мајката Господова беше поставена во храмот Свето Благовештение во предвечерието на празникот Успението на Пресветата Богородица. Таа е дар од Стеван (70) и Анита (60) Атанасоски за здравје и среќа на нивното, но и на сите семејства. Плаштаницата, која го симболизира гробот на  Мајката Богородица, е донесена од Украина, а стигнала во Прилеп со помош на Владиката Григорије и отецот Јосиф. Кадифената прекривка во сина боја на која е насликана Богородица положена во гробот, ја дополниле со чаршафи од страните. Брачната двојка Атанасоски 60 дена макотрпно ги шиела, везела, рачно ги изработувала украсните чаршави поставени од страните на плаштаницата со што направиле комплет кој е поставен во Стара црква.

Стеван Атанасоски марифетот за изработка на црковни украси, како престилки, црковни чаршави и одежди, го научил од покојната сестра Илка. Таа знаела да везе на стара Багат машина и тоа, на герѓев. Пред 20 години, рачните ракотворби ги совладал и Стеван. Процесот го усовршиле кога купиле компјутерска машина. Откако заминал во пензија, се посветил повеќе на украсните изработки. Занимавајќи се со хобито, кое му носи и денар повеќе во пензионерското ќесе, го натерало да разгледува и пребарува модели и мостри по интернет. Уште пред една година окото му запнало за плаштаницата која ја видел во Украина. Му се родило желба, таков украс да има во Стара црква. Од контактот со свештените лица успеал во намерата и дарот од срце, стигнал за празникот кога се слави успението на Богородица, а пред неа може да се помолат верниците, исто како и пред плаштаницата на Исус Христос која се мести на Велик Петок пред Велигден.

– Гледав на интернет како во комплексот на манастири Киевопечерската Лавра во Украина, кога прават литија, каква плаштаница поставуваат и многу ми се допадна. Разговарав со Владиката Григорије и отецот Јосиф и успеаја да се организираат и ја донесат. Чаршафите од страна ги везевме со сопругата два месеци – вели Стеван Атанасоски, изработувач на црковни чаршави и одежди.

Изработуваат разни везени работи заедно со сопругата веќе 20 години. Прават чаршави за престолот каде служи свештеникот.

– Треба да имаш квалитетни компјутерски програми за везење. Ги нарачуваме од руски мајстори. Плишот и конците ги најдуваме во Скопје и Тетово – вели Атанасоски.

По професија е шумарски инженер, а пензионер е од Сигурносно стакло. И сопругата знае да шие и везе. Не откриваат колку чинел дарот.

– Ова ни е фамилијарен подарок на црквата, а другиот ангажман ми е за денар плус. Дарот е за радосен момент. Да се здрави и живи сите, за добро во куќата. Имаме ќерка, внука син – вели Стеван.

Нивната порака е повеќе народот да се посвети на црквата, да нема разводи и да има повеќе деца.

 Стеван и Анита се пресреќни што плаштаницата е наместена за празникот со верба дека Милостивата, ќе ги закрилува и запазува сите верници пред Нејзиниот Син и Господ Исус Христос.

Од историјата на Плаштаницата на Богородица

Плаштаницата на Богородица се изведува на густа ткаенина, најчесто на кадифе. Има и испишани плаштеници – всушност тоа се икони на покојната Дева Марија. Друга вообичаена опција е платнената покривка на која се шие рачно напишана или печатена слика. Везената Плаштаница на Богородица може да се изработи со техника на шиење лице или волуметриско шиење на картон. Везењето на лицето се врши со најфините конци. Облеката и другите детали на сликата се извезени со техника на златен вез – тенки златни и сребрени нишки. Така се везе во Русија и други земји уште од античко време, па дури и порано – во православна Византија.

Веќе во Стара Византија се славеше Успение на Богородица, а во исто време се појавија и иконите на празникот. Обредот на погребување на Чистата се појавил многу подоцна, а со него е поврзана и традицијата на обожавање на Богородица со помош на Плаштаницата на Богородица. Во Русија, обредот на погребување на Пресвета Богородица се раширил во 16 век.

Покривот со ликот на Богородица го симболизира безгрешното зачнување. Верниците се однесуваат кон него со голема почит, давајќи му на фигурата чест што му припаѓа на Прототипот, како што поучува православната вера. Во многу цркви и манастири, на крајот од чествувањето на Пресвета Богородица, сите кои се молат, се поклонуваат, поминуваат под плаштот, барајќи заштита и молитвено застапништво на Дева Марија.

Loading