Три дена со Маре, низ муабети и тренинг

Живот: Четврта средба на Унијата на карате-ветерани на Македонија

Во ОУ “Гоце Делчев” се случи Четвртата средба на Унијата на карате-ветерани на Македонија. Присутни беа мнозинството од над 180 членови, од повеќе македонски градови. Средбата организирана од најактивните во прилепската секција, Љубен Кафеџиоски – Кафето, Златко Пирганоски – Пиргано и Славе Ѓорески, мошне разновидна и интересна со содржини, многу активности – поздравни говори, документарен филм со изјави на спортски новинари, доделувања данови – степени, дипломи, признанија, плакети и благодарници, како и ревијален карате – тренинг. Најголемото внимание беше насочено кон гостинот од Србија, карате-легендата, 75-годишниот Душан Маринковиќ – Маре (носител на 10. дан), кој го раководеше ревијалниот карате-тренинг заедно со другите легенди, д-р Чедомир Саздовски – претседателот на Унијата и Љубен Кафеџиоски – виш спортски тренер, селектор на ветераните во кумите.

– Благодарен сум на Унијата за поканата да дојдам и можноста да бидам со моите драги колеги, со кои минав доста години, развивајќи го југословенското, а во тие рамки и македонското карате. Преку разговори и сеќавања, тренинг-вежбите, ќе поттикнеме почесто влегување в сала, ширење на карате-спортот, кој сите толку многу го сакаме – рече Маринковиќ.

Тој откри дека доаѓа по 40 години. Спомна многу имиња и презимиња на овдешни каратисти и каратистки, како секој ден да е тука. Според него,  незаборавни се некои луѓе, и приватно и службено. Зборуваше за средбите со Недев, Кически, Тофиловски, Опеловски, Гашева, Саздовски, па за Љубен Кафеџиоски, Славе Ѓорески, Златко Пирганоски и другите прилепчани… Со сите нив беше во Винарија Пирган, сопственост на Пирганоски Имаа срдечна средба и во просториите на “МК Сикјурити” – сопственост на Кафеџиоски.

– Саздовски, Кафеџиоски, Пирганоски, Ѓорески… Тоа се луѓе академци, образовани и верни на каратето. Се радуваат на вежбањето карате. Тоа го држи ова меѓународно движење. Сакаме дружење, разговори, навраќања на убавите спомени, сакаме често да сме заедно. Дај Боже да трае многу долго оваа Унија на карате-ветерани на Македонија – истакна гостинот.

Покрај контактите со градоначаникот Борче Јовчески, неговиот заменик Диме Бозоски и претседателката на Советот Ирена Стерјоска – Локвенец, го посетија Крушево и се сретнаа со градоначалникот Томе Христоски. Ја посетија Могилата  на непобедените, прошетаа низ Старата чаршија, а дружењето беше до доцна вечерта.

Следната средба на Унијата ќе биде во Штип.

Почит за Јорга

Се спомна името на Владимир Јорга, големиот каратист од Југославија, кој пред две недели го напушти овој свет. Оддадоа едноминутно молчење во негова чест и во чест на сите други починати каратисти од овие простори.

Се интонираа македонската и српската химна

Македонскиот статут кон Белград

Маринковиќ информираше за иницијативата за формирање на Унија на карате-ветерани и во Србија. Зато го побара Статутот од македонската Унија кој ќе биде пример  за српската Унија.

Претседателот на македонската Унија д-р Чедомир Саздовски соработката ја прифати со задоволство.

Наградени

На Четвртата средба се доделија разни награди. Еве го комплетниот список на наградените: Златко Жоглев (признание 6. дан шотокан), Димитар Кашиков – (признание 3. дан вадорју), Горан Алексовски – Конти (признание), Ордан Спасески (плакета 2. дан шотокан), Ирена Стерјоска – Локвенец (благодарница, 2. дан вадорју), Венера Чешелкоска – Накова (благодарница, 2. дан вадорју), Марија Гаралоска (благодарница, 2. дан вадорју), Дејан Секулоски (благодарница, 2. дан шотокан), Емил Николоски (1. дан шотокан), Игор Тошески (1. дан шотокан), Мартекс-Прилеп (благодарница), Зоран Пајтонџиев (плакета), Никола Петрески – Џон (плакета), Зоран Игески (плакета), Димче Тодоровски (плакета), Влатко Кузманоски (благодарница), д-р Борче Јовчески (благодарница), м-р Томе Христоски (благодарница), Ага шериф – Скопје (благодарница).

Многу легенди на едно место

Гости имаше од Скопје, Штип, Гевгелија, Битола, Кавадарци, Велес, Кочани… Најбројни беа од Прилеп. Легенда до легенда: Кирил Иваноски – Дрцко, Петар Чешелкоски – Чешело, Розе Седлоска, Владо Камчески, Лазе Бумбароски, Трајче Димоски… А од далечна Австралија дојде и Наум Трајкоски.

Имаше и гости од џудото, Елизабета Сурлаџијаа и Славе Димитриоски.

Споредба

– Денешново карате повеќе се приближува кон олимписките идеи на Пјер де Кубертен – побрзо, повеќе, посилно, подалеку. Сметам дека на тој начин се губи менталниот аспект на каратето, аспект кој некогаш беше доминантен. На нашиве дружби го негуваме некогашното карате, со психофизички аспекти, а не само физички – вели Душан Маринковиќ – Маре, кому не му се напушташе Прилеп, па дури третиот ден,  во понеделникот, замина за Аранѓеловац.

Loading