Даниел Мелвил Македонска рапсодија 46

После третата ноќ од починувањето, Каме “престана да ни иде на сон”. Една недела пред 40 дена, пак сите трјца сонивме ист сон “во колор”. Каме, насмеан, весел, побара да му отидеме на гробот на 40 дена и “да направиме банкет за душата”. Фактот што сите тројца сонувавме ист сон беше изненадувачки, се косеше со рационалниот начин на гледање на животот. Така, минавме бескрајни дискусии за тоа прашање. Тајната ја задржавме. Не ја доверивме никому, нити некого прашавме за мнение за тој необичен феномен.

Времето беше убаво, летото жешко, та отидовме “на пикник” на гробот од пријателот. Секогаш кога имавме време летото. И есента кога временските услови беа благопријатни, одевме таму, јадевме, пиевме, дискутиравме, па дури и ни се случи да попееме.

Каме ни дојде на сон, како и во минатите две репризи, малку пред да истече една година од неговата смрт. Замоли годишнината “да ја славиме” на неговиот гроб. Тоа го сторивме. Следните денови Лионел, Хуберт и јас најдовме секој по едно писмо дојдено на мистериозен начин даома. Писмото, со иста содржина за секого беше напишано со карактеристичниот ракопис од Камета. Авторот се заблагодаруваше за пријателството и соопштуваше дека “во иднина нема да не вознемирува”.

Истиот ден, вечерта, се состанавме кај мене дома и ги споредивме писмата. Априори, немаше сомнение дека се напишани и датирани од нашиот починат пријател, претпоставка што беше потврдена од добар графолог кого го консултиравме, без да му ја раскажеме целата “историја”. Следниот викенд, вооружени со лопати отидовме на гробот од Камета. Го откопавме кофчегот и, на наше големо изненадување, го најдовме празен. При закопот го отворивме за последен пат. Телото на починатиот беше во него. Го закопавме пак кофчегот и го замаскиравме местото, да не се гледа дека некој копал. Целиот ден го минавме во јадење, пиење, љубување на убавата глетка “како од авион” кон низините, го слушавме свирењето, “музиката”, од едрилици што повремено летаа во близината, и градевме најразлични дури и екстравагантни хипотези за случајот. Нити една од нив нé не задоволуваше. По некој ден отидовме до болницата каде умре пред нашите очи Каме, разговаравме со докторот. Го прочитавме медицинското досие, што лекарот после подолго убедување се согласи да го покаже, ако не кажуваме нигде, оти во прашање е професионална медицинска тајна. Немаше сомневање дека болниот умрел. Смртта беше потврдена на најсовремен начин со преглед и апарати. Вечерта отидовме во станот на Хуберт и долго разговаравме. Утврдивме дека мистеријата останува без никаков рационален одговор. Лионел ја резимира за сите таа енигма и изјави.         

– Имаше нешто вистина, а можеби и многу ако не и цел, во она што ни го рече Каме дека смртта не е добар начин да се излезе од животот.

Во тој момент се чу ѕвончето на влезната врата од станот.

Хуберт отиде да види кој ѕвони. Набрзо се врати со вџашен израз на лицето. Ни подаде еден лист напишан со типичниот ракопис од покојниот Каме, лист што некој го закачил на влезната врата. На листот пишуваше:

 “Мили пријатели, ви благодарам за сé и ви велам збогум”.

Сега имам доказ дека смртта не е единствениот начин да се излезе од животот!”.

 (продолжува)

Loading