Даниел Мелвил Македонска рапсодија 41

Кога Дарон ја виде Изабела на една од патеките во паркот, се насмеа:

– Жено, кога толку брзо си се преправила во постара? Да не се спремаш да одиш на некаков маскенбал? Која е оваа госпоѓица со тебе што досега не сум ја видел?

– Инес, му се претстави со насмевка девојката.

– Дојди со мене, мажу, треба нешто важно да позборуваме.

Изненаден од тонот со кој му зборуваше сопругата, а и од нејзиниот променет глас, глас на постара жена, како и од сериозниот и тажен изглед на нејзиното лице, ја проследи до една зградичка во која држеа градинарски алати, а Инес молчеливо чекореше, но не влезе со нив, туку остана пред вратата. Седнаа на вреќи со вештачко ѓубре и брзо, концизно, Изабела му раскажа се и нагласи дека по кусо време, ако не отиде со неа, ќе падне тешко болен и ќе почини. Му покажа документи што добила после неговата смрт, исплатени фактури за погребот, оглас во некролошката рубрика на еден весник, фотографии… Потоа му покажа белези на своето тело што потврдуваа дека таа е навистина неговата сопруга, и го потсети на некои работи што знаеа само тие двајцата. Дарон, кој имаше дипломирано економија, се увери дека жена му не раскажува глупости.

Кога му соопшти се, како и за тоа дека ќе се подмлади и ќе се слее во едно со самата себе, со онаа жена која седи и чита книга во градината, го праша:

– Дали сакаш да отидеме во времето од Инес? Јас немам право, нити пак сакам, да ти наметнам да постапиш против твојата желба, против твојата волја?

– Каде ти ќе одиш, таму и јас ќе одам, жено, но ми треба малку време сето ова што ми го раскажа интелектуално да го сварам.

Ја викнаа Инес во зградичката, за да се договорат заедно за нивното второ идење во тоа време и заминување одтаму во времето од девојката дојдена од иднината, а во меѓувреме Изабела ќе го продаде имотот и парите преку Инес ќе ги даде на некој друг патник низ времето, кој по “службена должност” дошол од иднината и ќе престојувал долго време во Мексико.

Пред погледот од Дарон двете жени беа обвиткани во линии на сила, како во вретено, и исчезнаа, а тој полека тргна по патеката и се приближи до жена си. Оваа ја остави книгата до себе на клупата, се загледа во него, па го праша:

– Што има? Изгледаш чудно, некако невесел.

Се наведе, ја бакна младата жена по образот, и одговори:

– Нема ништо нарочно, жено, се замислив нешто над некои стари невесели спомени од времето кога не ми беше лесно и се борев да ја задржам главата над водата. Ех, времето, времето, тоа пусто време!

– Гледај да имаш позитивни мисли, мажу, ти така ме учеше, зар не!

 (продолжува)

Loading