Даниел Малвил Македонска рапсодија 43

Изабела и Дарон со восхит го разгледаа нивниот имот. Градината беше многу голема, божествено убава. Роботи работеа на нејзиното одржување. Куќата, со чудни форми, беше поубава и поголема од онаа што ја поседуваа пред… илјада години(!). Многу нешта им беа непознати. Инес трпеливо им објаснуваше што сé и за што служи. И во куќите имаше персонал, составен само од роботи за вршење на сите работи, готвење, перење, пеглање, чистење, поправки, послужување…

– Па ова е земја Дембелија! – извикна воодушевено Дарон.

Изабела, малку срамежливо праша:

– А… а, знаете, ние во нашето време додека се боревме да си создадемедобра егзистенција немавме време за деца. Дали е дозволено во ова време да се прават деца?

– Колку ви душа сака!, – се насмеа првпат гласно од кога ја познаваа Инес.

– Сега ќе ве оставам да се снајдете сами во вашиов дом, но утре ќе ви дојдам на ручек. Во иднина ќе ви бидам ментор додека ќе биде потребно. Во меѓувреме, ако имате потреба од било што, па и мене да ме повикате по безжичниот видеотелефон, обратете му се на шефот на роботите, оној робот што стои пред вратана, тој ќе  ве услужи.

Кога останаа сами, побараа од “шефот” да им послужи ручек во паркот, на масата под сенката од едно големо дрво. Роботот веднаш ги даде потребните наредби па, малку подоцна, ручајќи позборуваа со “директорот на персоналот” кој, како и сите нему потчинети роботи, знаеше многу јазици и, меѓу нив, македонскиот и оној што се зборувал пред илјада години во Мексико. Потоа роботот се оддалечи за да не им пречи евентуално со своето присуство. Им кажа дека во секое време доста е да го занишаат рачното златно ѕвонче, и веднаш ќе дојде.

– Жено, ќе треба на прво место да побарам да ти се издигне во парков споменик – скулптура, во природна големина, од најубав материјал. Се надевам дека меѓу нашиов роботски персонал има и некој скулптор.

– А зошто сакаш да ми направиш споменик?

– Оти си ми останала верна три децении. Ме сакаш уште и ми го спаси животот, да не речам дека ме воскресна, а и ме донесе во овој рајски свет.

– Ајде немој да се шегуваш, мажу! Јади и не зборувај непотребни работи! – го потскара Изабела, но ја наведе главата над пијатот и по лицето се вцрви како млада невеста.

(продолжува)

Loading