Даниел Мелвил Македонска рапсодија 45

Сите експлодиравме во смеење. Продолживме уште некое време на истата тема и, при разговорот Каме, со сосема сериозен израз на лицето и очите, праша:

– Дали сме пријатели?

– Глупости, се разбира дека сме пријатели уште од училишните клупи, одговори Хуберт.

– Арно, штом сме пријатели, а јас во тоа сум убеден, би сакал да ви

упатам една молба и да ви побарам да ми ветите дека ќе ми ја исполните.

– Ако нешто може, зошто да не?, одговори во името од сите Лионел.

– Барањето е малку комплицирана работа. Ссакам, доколку починам пред вас, да се снајдете да ме закопате на една од савојските планини на место што по малку точно ќе ви го определам.

– Ајде немој да зарекнуваш сега!, го укорив, а Хуберт ми се придружи:

– Што ти текнало, Камене, да зборуваш за такви непријатни работи? Немој да ја викаш несреќата над тебе!

– Зборувам сериозно. Знам дека по постоечките прописи и закони не е лесно да се добие дозвола некој да биде погребен на друго место освен на гробишта, ама знам дека вие сте снаодливи и ќе успеете да ми ја исполните последната желба, доколку, се разбира само по себе, ми се случи да умрам пред вас.

И Каме ни го покажа на една карта местото каде сакал да биде закопан, па побрзавме да преминеме на други теми.

Малку време после таа меморабилна вечер, Каме заболе тешко и беше хоспитализиран. Тројцата другари, де едниот, де другиот, или сите заедно му одевме редовно на посета. Докторот беше окупиран со болниот отворено нé информира дека не постои надеж. Фаталниот крај е неизбежен. Но, Каме не изгледаше загрижен, не покажуваше знаци на страдање од болеста, со нас разговараше спокојно и еднаш, кога го посетивме, “заспа”. Болничарката го викна докторот, и овој утврди дека Каме умрел.

Следните три ноќи по починувањето, неверојатно, но вистина, Хуберт, Лионел и јас сонувавме ист сон полн со прекрасни бои. На сонот ни дојде Каме и нé потсети на ветувањето да го погребиме на местото што ни го покажа на топографската карта. Ноќе, со кола го однесовме телото од починатиот пријател на една од савојските планини. На едно место ги оставивме двата автомобили и продолживме да се искачуваме пеш по малечкиот стрмен пат, што сосема ретко понекогаш го употребуваа туристи љубители на планините. Го закопавме точно на местото што ни го определи, па, кога се раздени, онака како што Каме ни имаше побарано, направивме “посмртен банкет”, како тој што се изрази, “за душа”. Испековме месо на скара, ги извадовме од раниците шишињата пиво и јадејќи и пиејќи, се потсетувавме на заеднички спомени минати со умрениот пријател. На врвот од планина во римското време имало тврдина од која може да се набљудува што се случува долу по низините. На местото каде го погребавме, во одамна постоел мал храм што, во христијанскиот период бил претворен во црквичка. Соевремено била урната, па останале само неколку расфрлени поголеми камење од римскиот храм со издлабени латински натписи. Како и обично онаму каде биле градени манастири, храмови, па и дворци, од за нас непознати причини се чувствува пријатност, дали заради природата на подземните слојови, или некои магнетски сили, или којзнае што друго. Гробот не беше обележен со никаков знак. Никој освен нас тројцата не можеше да види дека постои на тоа место.

 (продолжува)

Loading