ЧИТАТЕЛСКА ПОРАКА И ЧЕСТИТКА ПО ПОВОД 550 -ТИОТ БРОЈ НА ЛОКАЛНИОТ НЕДЕЛНИК „ЗЕНИТ“

Неделник за сите генерации

– Прилепскиот локален неделник „Зенит” слави еден убав јубилеј – објавувањето на петстотини и педесеттиот негов број и воедно влегувањето во дванаесеттата година од животот

Slobodan - sinot na Cvetan Belicanski

 

Знам  дека не му беше лесно и не  му  е лесно  во борбата за опстанок во малото семејство на македонски локални весници и освојувањето на бројната читателска публика која не завршува на границите на Општината Прилеп. Не беше и не е едноставно да се издржи на медиумскиот пазар, во услови на постојано менлив медиумски пејсаж и секојдневна интернетска поплава од информации и сѐ пораспространето општење на социјалните мрежи.

Прелистувајќи ги неговите досегашни 549 броеви, се обидувам да ја откријам тајната на истрајувањето и успехот на неделникот „Зенит”.

Според  моето скромно мислење, таа е следнава:

– Во новите медиуми не препозна лути непријатели, ами инспиративни конкуренти;

– Следејќи го духот на времето, истовремено практикува и хартиени и електронски изданија;

– Им се обраќа на сите генерации читатели, со чувство за разнородноста на нивните интересирања;

– Во морето од информации, знае да ги одвои битното од небитното и трајното од минливото;

– Ги почитува политичкиот плурализам и разноликоста на мислења од другите области на општественото живеење;

– Не ги запоставува содржините од руралниот живот;

– Не ги заборава малиот човек и сите аспекти на неговата егзистенција;

– Редовно ги следи локалните економски и образовни пулсирања;

– Со мноштво историски содржини („Фељтон”, „Стара фотографија” и др.),  ги  негува родољубивите и роднокрајните чувства  и  културата на сеќавањето;

– Одвојува достојно место за содржините од културата (цели две страници), со најави и  одбележувања на културни настани;

– Има респектен однос кон македонскиот литературен јазик,  изразен во долгогодишната рубрика „Јазичен агол” и во напишаното  на секоја негова страница;

– Пројавува континуиран интерес за содржините од областа на здравјето и спортот;

– Во огласно – забавниот дел секогаш одвојува простор за локалниот хумор („Прилепски мајтапења”), со сите нему својствени карактеристики;

– Води грижа за својата надворешност, комбинирајќи колор и црно – бели фотографии и современи графички решенија.

Пожелувам, во годините што следат, натамошен растеж на „Зенит”, со финансиска, морална и друга правно и етички дозволена поддршка  на локалната самоуправа – Општината Прилеп и на стопанските и другите субјекти од нејзиното подрачје и пошироко, проследен со намножување на бројот на читателите. 

Најскорешно мое очекување е, на интернет страницата на „Зенит”, а во електронска форма, да се најдат првите негови сто броеви, заедно со веќе објавените, да станат и останат составен и неизоставен дел од нашата колективна меморија.

Честитки за јубилејниот број и уште, уште јубилеи!

29.05.2019 година

Читателот Слободан Беличански

Loading