Неделник за сите генерации
– Прилепскиот локален неделник „Зенит” слави еден убав јубилеј – објавувањето на петстотини и педесеттиот негов број и воедно влегувањето во дванаесеттата година од животот
Знам дека не му беше лесно и не му е лесно во борбата за опстанок во малото семејство на македонски локални весници и освојувањето на бројната читателска публика која не завршува на границите на Општината Прилеп. Не беше и не е едноставно да се издржи на медиумскиот пазар, во услови на постојано менлив медиумски пејсаж и секојдневна интернетска поплава од информации и сѐ пораспространето општење на социјалните мрежи.
Прелистувајќи ги неговите досегашни 549 броеви, се обидувам да ја откријам тајната на истрајувањето и успехот на неделникот „Зенит”.
Според моето скромно мислење, таа е следнава:
– Во новите медиуми не препозна лути непријатели, ами инспиративни конкуренти;
– Следејќи го духот на времето, истовремено практикува и хартиени и електронски изданија;
– Им се обраќа на сите генерации читатели, со чувство за разнородноста на нивните интересирања;
– Во морето од информации, знае да ги одвои битното од небитното и трајното од минливото;
– Ги почитува политичкиот плурализам и разноликоста на мислења од другите области на општественото живеење;
– Не ги запоставува содржините од руралниот живот;
– Не ги заборава малиот човек и сите аспекти на неговата егзистенција;
– Редовно ги следи локалните економски и образовни пулсирања;
– Со мноштво историски содржини („Фељтон”, „Стара фотографија” и др.), ги негува родољубивите и роднокрајните чувства и културата на сеќавањето;
– Одвојува достојно место за содржините од културата (цели две страници), со најави и одбележувања на културни настани;
– Има респектен однос кон македонскиот литературен јазик, изразен во долгогодишната рубрика „Јазичен агол” и во напишаното на секоја негова страница;
– Пројавува континуиран интерес за содржините од областа на здравјето и спортот;
– Во огласно – забавниот дел секогаш одвојува простор за локалниот хумор („Прилепски мајтапења”), со сите нему својствени карактеристики;
– Води грижа за својата надворешност, комбинирајќи колор и црно – бели фотографии и современи графички решенија.
Пожелувам, во годините што следат, натамошен растеж на „Зенит”, со финансиска, морална и друга правно и етички дозволена поддршка на локалната самоуправа – Општината Прилеп и на стопанските и другите субјекти од нејзиното подрачје и пошироко, проследен со намножување на бројот на читателите.
Најскорешно мое очекување е, на интернет страницата на „Зенит”, а во електронска форма, да се најдат првите негови сто броеви, заедно со веќе објавените, да станат и останат составен и неизоставен дел од нашата колективна меморија.
Честитки за јубилејниот број и уште, уште јубилеи!
29.05.2019 година
Читателот Слободан Беличански