НАРОДНИОТ ХЕРОЈ ИЛИЈА ИГЕСКИ – ЦВЕТАН 1920-1944

Прилепски Чапаев        

На 28 август се навршуваат 80 години од загинувањето на народниот херој Илија Игески – Цветан, македонскиот Чапаев, како што обично го викале соборците според големиот руски борец Василиј Иванович – Чапаев, херојот на Октомвриската револуција, легендарниот командир во Црвената Армија.

Бил омилен кај борците од ослободителната борба. Со херојствата бил пример на бестрашност. Влегувал без сметка за животот во бројни борби со фашистичкиот окупатор. Затоа е прогласен за народен херој.

Роден е во јули 1920 година во селото Топлица, прилепско. Фамилијата му се преселила во Прилеп во 1923 година. Основно училиште завршил во Прилеп. Потоа изучувал опинчарски и фурнаџиски занает. Пред војната, учествувал во штрајкови и демонстрации против српскиот режим. Учествувал на Илинденските демонстации во 1940 година. Во 1939 година станал член на СКОЈ а, наредната година и член на Комунистичката партија.

Тој е еден од седумте први прилепски партизани кој на 12 септември 1941 година во месноста Бидимаш на Селечка ја формираа првата партизанска чета. Покрај него биле, Трајко Бошкоски – Тарцан, Борка Велески – Левата, Лазо Филипоски – Лавски, Јоска Јорданоски – Сандански, Ѓоре Велкоски – Стрелката и Киро Крстески – Платник.            

Илија бил борец во првиот прилепски партизански одред “Гоце Делчев”. Заедно со Ѓоре Велкоски илегално дејствувале во Преспа. На лажната личната карта му пишувало дека е Петре Николов Јанков од Струга.

Подоцна бил член на битолско – преспанскиот партизански одред “Даме Груев”. Во 1943 година станал курир на ЦК на КПМ и ГШ на НОВ и ПОМ.  Бил командир на чета и заменик командант и командант на баталјонот “Мирче Ацев”. Се калел во првата борба кај селото Чемерско – Тиквешко потоа кај Царевиќ, Смилево, Извор, Кленовец, Ботун, Фуштани, Тушин, Граешница, Витолиште, Локвица…

Го красела скромност, несебичност и едноставност. Бил чудно  од храброст, а мирен како бубачка додека не слушнел куршум, потоа без страв влегувал во секоја битка. Бил заменик командант на Методија Попоски – Мајка, на новоформираната Петта македонска ударна бригада, позната како Прилепска. Загинал на 28 август 1944 година, во борба со бугарската окупаторска кај село Здуње, Македонски Брод. Со него животот го загубиле: Александар Ношпалоски, русинот Васја, Илија Василески – Тиндилот, Љубе Стерјоски, Љупчо Марулец и Тоде Јовчески.

Народен херој е прогласен на 2 август 1952 година. Постојат спомен бисти, плочи и споменици каде е врежано името на народниот херој Илија Игески – Цветан. Неговото име стои на криптата на Могилата на непобедените во Паркот на Револуцијата заедно со над 400 борци од Прилеп, кои ги дале своите животи. Спомен-биста има во Алејата на народните херои. Постои и спомен-плоча на ул. “Цане Илиоски” бр.67, а спомен – плоча има и на куќата каде живеело неговото семејство, на ул. “Борка Талески” бр.137. Го им и на спомен – обележјето во МЗ Рид, на кртосницата меѓу ул. “Борка Талески” и “Борка Медарот” (кај Чкатра), како и на спомен-обележјето во селото Здуње.

Неговото име го носеше средното текстилно и рударско училиште од 1966 година  до 1983 г.

Колку и да е напишано или одбележано неговото дело, сепак недоволно за овој голем херој. Сео потсетува ќе се запознаат идните генерации со подвизите на хероите од Прилеп и Македонија кои не жалејќи го својот живот се бореле за нашата слободата.

Рубинчо Белчески – историчар

Loading