РАЗВОЈОТ НА ИНДУСТРИЈАТА ВО ПРИЛЕП И ПРИЛЕПСКО МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ

feljton

Во 1931 г. во Прилеп е изграден електрична централ. Била на моторен погон, на нафата. Силата на моторот изнесувала 120 кс. Централата не ги задоволувала потребите на градот, зашто имало само 700 потрошувачи, плус градските улици и чаршијата. Другите граѓани ги осветлувале домовите со газија.

Во селата Витолиште, Дуње и Небрегово е експлоатиран моминок. Сепарираниот моминок е носен во Прилеп, каде се правени поголеми плочи и се испраќани на север. И тоа не претставува некоја индустрија, туку манипулација и селектирање на листовите од моминокот.

Има обиди да се направи фабрика за сапун и за ќерамиди во 1926 г., но едната, поради тоа што не е дадено одобрение, не проработила, а другата останала немонтирана.

Во триесетите години е отворена работилница за правење мраз како испостава на скопската пиварница, потоа мелница за сол и кланица.

На 7.10.1925 г. Веле Самак, (Самаковиќ) бара одобрение за изградба на моторна мелница. Погонот на моторот бил на пареа, што се добивала од користење на јаглен. Според молбата, локацијата била во прилепското поле.

Мелницата има два чифата камења и меле просто брашно, односно брашно за исхрана на селаните. Самак добил решение за работа дури на 2.7.1927 г. Мелницата вработувала 4 работници и имала капацитет од 2000 кг. брашно за 10 часа работа. Уем земал во натура во висина од 10 отсто од житото. Нужно било одобрение да даде министерот, по претходна оценка на комисија од Белград. Комисијата барала да се создадат некои хигиено-технички услови за работа. Такви услови се поставувале на сите понатамошни баратели за отворање на моторни мелници.

Изгледа дека данокот за индустриски капацитети бил повисок отколку за занаетчиски погон, па Веле Самак барал мелницата да се прогласи за занаетчиски погон, но не добил одобрение, покрај упорните настојувања.

Блаже Галевиќ го моли министерството за индустрија во Белград да му дозволи да инсталира мелница за обично црно брашно во селото Дабјани прилепско од машини што ги имал во селото Карасули во Грција, близу до границата со Југославија. Мелницата е на парен погон со 4 камења од кои 2 резервни, кои ќе мелат селско брашно со сила на моторот од 45 кс.

Мелницата е инсталирана на земјиште, сопственост на Ѓорѓи Капковиќ, рентиер од Прилеп, земено под закуп во рок од 10 г. Прегледана е од мајсторот Јосиф Черни – механичар кој дава позитивно мислење.

Локацијата е подводна, (плавна) и кога има силни дождови и кога земјата е поплавената, мелницата не работи. Вода за ладење и пареа се добива од блискиот бунар и се доведува до моторот со пумпа.

Молбата ја поднесува на 13.7.1927 г. а одобрение добива на 1.5.1928 г. со услов да ги обезбеди трансмисиите, да ги огради за заштита на луѓето, да обезбеди санитетески материал за прва помош и црево за ПП заштита.

Иван Бојаџиевиќ од селото Добрушево го моли министерот за индустрија и трговија од Белград да му одобри да подигне мелница на Црна Река, каде нема доволно мелници за мелење брашно. Моторот на мелницата ќе има 32 кс. и 2 чивта камења. За погон ќе í служи јаглен, односно пареа. Капацитетот е 150 кг. за 10 часа. Земјата на која ќе се изгради мелницата е општинска, земена под закуп на 3 г. Во дворот има бунар за снабдување на моторот со помош на пумпа, а ќе меле црно брашно наменето за селска потреба. Уем на 10 кг. сомелено жито е 20 дин. Вработува 5 работници. Бојаџиевиќ добива привремено решение за мелницата и тоа до крајот на 1929 г., до истекот на договорот за закуп на земјата, а потоа ако сака да работи да мора да изгради мелница што ќе одговара на пропишаните технички услови. Независно од тоа, во одобрението за работа, мелницата треба да ги обезбеди сите хигиено-технички услови според прописите. Привременото решение за работа му е издадено на 1.5.1928 г.

Ѓорѓе Стошиќ бара да му се одобри изградба на мелница во селото Долнени на 26.3.1931 г. Министерството му дава одобрение на 12.6.1931 г. Техничките можности не се познати.

Риста М. Петровиќ го моли надлежното министерство да му одобри изградба на мелница во селото Дедебалци. Молбата му е упатена во март 1931 г., откако се собрани сите документи и е извршена контрола на самото место од стручна комисија на министерството. Решението за работа е добиено на 21.4.1931 г. Решението го потпишува лично министерот на министерството за индустрија и трговија.

Белчевиќ, Тодоровиќ и други имаат барано од министерството дозвола за подигање на моторна мелница во селото Мало Коњари. Решението за работа го добиваат на 12.1.1931 г. од документот се гледа дека се собрани сите согласности, но нема технички податоци за мелницата.

Димитрије Тодоровиќ од Прилеп барал од министерството да му одреди комисија за преглед на мелницата инсталирана во Прилеп која веќе работи. Тој барал и одобрение за градба на мелница на погон на мотор во Прилеп. Комисијата се состанала на 14.6.1927 г. и му дала одобрение за работа. Моторот имал 30 кс. и работел на пареа. Има 3 чифта камења, покрај тоа и триер, аспиратор и др. Вработува 2 работника со капацитет од 4000 кг. дневно. Уемот бил 10 отсто од сомеленото жито. Мелницата, покрај услугите на селаните и другите корисници, меле брашно и за на пазар. Комисијата, како и за другите мелници, бара осигурување на трансмисиите, ПП заштита и медикаменти за прва помош. Тоа се стандарди од кои не се отстапува. Во документите се споменува дека мелницата е лоцирана надвор од градот.

продолжува  

Loading