Секој ден се пентеревме на панорамникот, на остатокот од некогашната тврдина каде доаѓаа многу луѓе, да седат во тишина и да го гледаат градот на запад. Со погледите се трага по минарињата во далечината. Не можат на прсти да се избројат. Од далечината се слуша само молитвата на оџата, која е различна од утринската. На другиот крај од градот се гледаат брдата над Илиџа каде се изворите на Босна. Во близина на градот Високо се босанските пирамиди, само на 30 километри од Сараево.
Пред повеќе од 10 години, во Босна беше пронајдено големо откритие кое го шокираше светот, особено историчарите и археолозите. Босанските пирамиди беа пронајдени од Др. Семир Османгиќ кај градот Високо. Дури локалните власти поставија мапа за местата кои мора да се посетат. Од старт се јавуваа многу скептици. Сепак местото се поврзува со многу интересни факти додека Др. Османгиќ уште истражува и го промовира откритието на научниците ширум светот.
Истражувачите кои правеле анализи утврдиле дека тие се стари скоро 30.000 години. Големата Пирамида на Египет е 80 метри, а помалата Босанка е крстена по сонцето е висока 220 метри. Ориентирани се на север како египетските. Просторот е отворен и слободен за посети. По извршената анализа на електромагнетни зраци, откриено е дека врвот на пирамидата има посебна фрекфенција. На зракот му се зголемува силата со оддалечување од пирамидата. Истражувањата откриле дека се градени со регуларни блокови. Истрагите покажуваат дека постојат подземни конструкции, простории и езера под пирамидите со лекувачка моќ поради големото ниво на јонизација.
Целодневна авантура е посетата на ова атракција. Но не се ни блису по изгледот како милениумските египетски пирамиди на фараоните. Од подножјето на градот не се гледаат зданијата. Се минува низ градот па низ зелени полјани и се стасува до босанските чуда. Се гледа триаголен рид. Но, тоа е едната. Огромен рид. Ја викаат пирамидата на месецот. Дознавме дека зад неа е змаевата пирамида, а третата во далечината е сончевата. Тешко изгледа качувањето до врвот каде има некои остатоци од стар град. Старец објаснува дека е привлечно да се видат и тунелите, за кои малкумина чуле. Со внимание се тргнува нагоре. Опасно е. Поради стрмнината се одмора одвреме-навреме по неколку минути и се продолжува кон врвот, пак да се испоти човек без многу кондиција. Потта се надоместува со шишето со вода од ранецот.
Се поставува прашањето, кој ги изградил овие заливадени огромни ридови во форма на пирамиди и пред колку милениуми. Огромните ридови кријат историја, цивилизација… Какви тајни стојат во утробата на ридовите. Кое човештво било толку моќно да ги крене во височината? Некои се смеат дека е дело на Тито. Некои стручнаци сметаат дека босанските пирамиди се природни геолошки образби без човечка вмешаност.
Но, пирамидите уште се загатка. Мистерија. Не се одгатната и откриени. На првите ископини е отстранета земјата и се гледаат огромни камени блокови. Првата височинка нуди поглед на градот како на дланка. Туристите се чувствуваат како богови. Панорамата е импресивна. Некој од откривачите кажа дека се потребни саати за стасување до врвот.
Некои сметаат дека до сончевата пирамида има тунел кој води од градот Високо. Никој не го потврдил тоа, иако има знаци за потенцијални отвори на неколку места во градот. Низ тунелите се влегува со шлемови, кои ги подаваат истражувачката екипа во близина. Влага и темнина владее во ходниците. Се претпоставува дека од нивното окно се стасува до врвот, а еден дел води во дното каде има простории со моќна вода. Велат дека било пронајдена плочка со клинесто писмо, која датира од пред неколку милениуми. Во внатрешноста имало и карпа со релјеф која претставувал карта, патоказ на ходниците.