Пивофест 2018
– Брендирани пива на рилепската Пиварница и Скопската Пиварница, како и Сараевско пиво и Чешко пиво
Музичка програма за сите вкусови ќе има во четири фестивалски дена на годинешното издание на Пивофест. За разлика од минатите години има поголема процентуална застапеност на македонските изведувачи. Но, тука се и големите балкански ѕвезди, меѓу кои Жељко Јоксимовиќ и Шабан Шаулиќ. Големото отворање на фестивалот стартуваше со Кирил Џајковски, настапија и Дани и Тони Зен.
Петочната вечер е вечер на рок групите. Настапуваат Дарио, Ван Гог, Црвена Јабука и Моссел. В сабота се Фортисимо Бенд и Гоце Чоки, Некст Тајм, Џенан Лончаревиќ и Жељко Јоксимовиќ. В недела, на завршницата ќе пеат Александра Јанева и Либеро Бенд. Потоа атмосферата ќе ја подгрева Милица Тодоровиќ, за кулминацијата на најголемата пивска журка да биде со Шабан Шаулиќ. Организиаторите гарантираат покрај добра забава, беспрекорна безбедност и функционирање.
– Издвојуваме повеќе простор за македонската уметност. Имаме и познати балкански ѕвезди. Ќе го видиме големиот Жељко Јоксимовиќ, кралот на народната музика Шабан Шаулиќ, македонскиот музички ‘амбасадор’ Кирил Џајковски, а во петок ќе имаме убава рок вечер со ‘Црвена јабука’ и ‘Ван Гог’. Гарантираме дека фестивалот ќе биде добро обезбеден, дека сите институции ќе функционираат онака како што треба, а ние како организатори ќе одговориме на сите барања на публиката – вели во име на организаторот Дарко Манасијески од агенцијата „Ентфинити”.
Од Локалната самоуправа ќе се грижат храната да биде безбедна, а хигиената, редот и мирот на високо ниво.
Посетителите од другите градови со авантуристички дух, ќе можат да кампуваат во Паркот на револуцијата, каде покрај бесплатниот појадок и топлите напитоци, на располагање ќе имаат и туш кабини. Во однос на минатите години, цената за паркирање на возилата е намалена од 100 денари, на 50 денари за еден ден.
Освен брендираните пива на Прилепската Пиварница и Скопската Пиварница, Сараевско пиво и Чешко пиво, за време на фестивалот сите посетители ќе имаат можност да вкусат прилепска скара.