111 години од битката на Ножот
,,Ќе им кажете на војводите дека костурчани го сметаат решението на војводскиот совет необврзувачко. Таа заповед ја наоѓаме за неумесна и нереволуционерна. Опкружени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Кажете им на војводите дека нашето решение е неповратно. Друга позиција нема да бараме. Ќе останеме на Ножот,, Овие се зборовите на Атанас Попов надополнети со додавката ,,Не сум дошол да јадам кокошки, туку сум дошол да се борам,,.
Младите момчињаод костурската, прилепската и велешката чета ги откажаа наредбите на своите претпоставени војводи и одлучија да ја започнат борбата со отоманската војска предводена од мајорот Енвер бег.
Бојот почна на 12 јули 1907 година на врвот Ножот, во близина на селата Никодин и Ракле, на овој каменест врв опколени од отоманска војска, борците даваа жесток отпор до својот последен куршум. Кога им снема муниција, овие смели синови ги извадија своите бомби и легнаа над нив, но живи не се предадоа.
Отоманската војска кога се приближи до распарчените тела почна да ги масакрира и да ги ограбува мртовците, додека на врвот не дојде мајорот Енвер бег, кој гледајќи ја оваа пожртвуваност на Македонците нареди.
,,Никој не смее да се добере да ги нагрди хероите! Гледате како комитите ја презираа смртта?! Се бореа и умреа како херои,,!
Дал команда со три плотуна да им се оддаде почит на загинатите.
Пред да бидат погребани 54 Македонци, пристигнал италијанскиот капетан Џузепе Луци, кој со својот фотоапарат ја овековечил оваа трагедија, а фотографијата беше објавена во многу светски весници.
Идентификувани се комитите: Атанас Попов (Шестеово, костурско), Милан Петров (Топличанец од Топлица), Димко Јованов – Газдата (Прилеп), Трендафил Думбалаков (Сухо, солунско), Најдо Андреев Арсовски (Папрадишта, велешко) и Петко Којчев (Панаѓуриште), останатите се непознати.
Секоја година на празникот Петровден на 12 јули местото се посетува од Македонци од Прилеп, Велес, Кавадарци и Битола да се оддаде почит на херојското дело за слобода.
Битка е опеана преку песната ,,Се зададе темен облак меѓу Ракле и Никодин,,.
Благојче Андонов