МАНАСТИРОТ РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА КАЈ СЕЛОТО МАНАСТИРЕЦ, МАКЕДОНСКИ БРОД

Откровението на поречкото светилиште

Продолжува проучувањето на црквата за нови откритија за христијанството на овој простор

404-127-01-800x445

Не е случајно што двете села, Долни и Горни Манастирец кај Македонски брод имаат далечно потекло на своите имиња поврзани со манастирот Рождество на Пресвета Богородица, познат како Поречки манастир. Светилиштето се наоѓа на 4 км. од Горни Манастирец, расположен на поголемо плато на планината Караџица, под врвот Киска, висок 1023 км. Манастирот бил едно од главните христијански и просветителски жаришта уште во дамнешни времиња.

Во бурните историски настани и голготи, преживеани од македонскиот народ, манастирскиот дух ги подзаскрил своите прастари корени и културни вредности, па сега, повторно се јавува под светлината на сонцето за да блесне, со божја помош. Додека во старата црковна градба, бил изработен интересен живопис, со архаични сосема ретки библиски претстави, по многу нешта единствени, во обновата, во 19 век, таквиот живопис бил покриен со нов. Поречкиот манастир повеќепати во минатото бил запустуван од напади на злонамерници, со пожари, па обновуван. Затоа се сметал за понов, чија црква и фрескосликарство датираат од 19 век. Во 19 век црквата била обновена со реконструкција на старата градба и комплетно ново живописување. Според некои стилски карактеристики, им се припишува на зографи од Охридската школа. Не е исклучена претпоставката дека бил дело на зографи од Крушево. При обновата на црквата во 1846 година биле направени архитектонски измени, со кои доплнително ги оштетиле вредните дела на црковното сликарство од многу постар датум, од кога потекнува и градбата. Запишано е дека попот Димитрија бил испратен во Цариград по дозвола за обновување. Со новото зографисување, бил покриен стариот живопис стар неколку века.

404-127-04

Во црквата со необичен амбиент во наосот има живопис со потемни бои на сводот и живопис на ѕидот со поинаква естетика и бои. Во голема мерка е уништен. Впечатокот е необичен и предизвикува возбуда. Остатоците од христијански сцени нудат чувство на духовна ведрина, но и чудење. Необичниот впечаток доаѓа и од колорната естетика, од боите на стариот живопис, на кои превладуваат посветли, но релативно свежи природни бои, комбинирани со жолчка од јајце. Вниманието привлекува еден остаток од живопис на кој е претставен Исус Христос седнат на престол како судија во Страшниот суд. Пред него има клекнато лице во молитвена положба препознаено во монахот Милетиј, кој се смета за ктитор или старешина на манастирот. Сцената е во голема мерка уништена. Исус Христос е уништен повеќе од половина. На местото на старата врата денес има остаток од претставата на раѓањето на Св. Богородица. Богородица Царица Небесна е насликани и на сводот. Внимание предизвикува стариот живопис кој претставува голема композиција на повторното доаѓање на Исус, Воскреснувањето на мртвите и Страшниот суд. Оваа голема композиција е изработена на делови. Иако голем дел е уништен или оштетен, зачувани се најголемите фрагменти, кои вчудоневидуваат со својата естетика и необичните претстави на библиските сцени. Необична е претставата на враќањето на мртвите од морските длабочини, водени од Спасителот Исус Христос, цар на водите – морињата, кој во амбиент на многу морски суштества и риби е јавнат на морско чудовиште (нешто како воден змеј), како и сцената на враќањето на мртвите од земјата водени од Спасителот Исус Христос, цар на земјата. Двата лика на Исус Христос се претставени со царска круна на главата. Во сцената со морето е присутен и брод, како и голем број риби кои пливаат кон површината и ги носат во устите човечките тела, кои воскреснуваат. Во полоша форма  е сцената на воскреснувањето на мртвите кои излегуваат од гробовите со бели наметки. Оваа голема претстава со воскреснувањето на мртвите и Страшниот суд е единствена не само во Македонија, туку и пошироко. Поради тоа, целата градба на црквата е цел на натамошни проучувања и објект на нови откритија за христијанството на овој простор, односно ново откровение на христијанската уметност и културата.

404-127-05

Целиот живопис е оштетуван при подготовката на ѕидовите за сликање во 19 век. Голем дел се сосема без живопис, а останале фрагменти од стариот живопис, од кои голем број тешко можат да се идентификуваат. Погледот го привлекува фрагмент од рајска слика во чија средина е прататкото Аврам, кој во прегратка држи помал лик на дете со ореол, кој ја претставува душата на праведниот. Оваа сцена упатува на почетокот на христијанството и е необично ретка на живописите во христијанските храмови. Освен Аврам, има сцени со флора и фауна, повеќето птици, мотиви, кои потсетуваат на ликовните содржини од ранохристијанските храмови. Тоа упатува на времето на почетокот на светоста и градбата на храмот. Според историчарите на уметност, старата градба на храмот потекнува меѓу 11 и 13 век, но има и мислења дека тој има уште постаро потекло. Од стариот живопис се препознава ликот на Св. Архангел Михаил кој го споредуваат со истиот лик од црквата Св. Никола во селото Манастир, Мариово. Уште една претстава буди особено внимание. Тоа е дел од зачуваниот живопис со ликот на Св. Роман, покрај кој има и натпис на кој е претставен како заштитник од крадците. Сцената е значајна, бидејќи носи објаснување на ликот на овој христијански светец. Во олтарот има остатоци од претставите на Пресвета Богородица – Ширшаја (небесна). И тоа е ретко, бидејќи Св. Богородица е претставена во стоечка положба, а од двете се свртени ангели со став сличен на Архангел Гаврил од црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, која потекнува од 12 век. Претставени се и Св. Јован Златоуст, Св. Атанасиј и Св. Василиј Велики, Исус Христос агнец (принесен како жртва) и други ликови. Овој дел датира од 19 век, а се смета дека е дело на зографи од Охридска школа. Со помали или поголеми оштетување се среќаваат и ликовите на Господ Исус Христос седнат на престол, а десно Св. Богородица со молитвено подадени раце. Тука се и Св. Јован Крстител и Св. Никола. Композицијата е позната како Деисис, која ја има и во други христијански цркви.

404-127-06

Црквата Рождество на Пресвета Богородица крие уште многу тајни. Останува да биде во фокусот на науката за христијанството и историјата на уметноста. Всушност, целиот манастир е своевидно откритие на импресивно богатство на христијанска историја, книжевност и сликарство. Штета е што богатството имало долг период на запоставеност и уништување. Заживувањето и воздигнувањето на манастирот се случило пред две децении со доаѓањето на отец Бенедикт Божиновски од Битола. Во напорот за доведување на манастирот во завидна положба придонесле поречани. Резултат на тоа се денешниот изглед на црквата, новите манастирски конаци и целиот црковен двор, како и добро уредената трпезарија.

404-127-09

www.pelagon.mk

Loading