ЃУМЧЕТО И КРАВАЈЧЕТО ЗА ТАЈАНЕ БОЈАНЕ

DSC00505a-1d61e9-800x600

Тајане (Иванден) е македонски обичај поврзан со празникот Свети Јован Крстител – Иванден. Најдолго се задржало празнувањето во прилепско. Вечерта спроти Иванден групи момчиња и девојки собирале билки, со кои закитувале ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно момче носело ѓумче на главата и него го викале Тајане. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните и пееле песни, собирајќи дарови. Притоа се пеело:

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,

Ункеши, ункеши, ункеши по маглата.

По магла, по магла, по магла ситна роса,

по роса, по роса, по роса мома боса.

Играле момите крај манастирот,

калуѓер гледа од пенџериња,

фрли си шапка на герамиди,

од герамиди на трендафилот,

белата брада на берберница

црната брада на касапница.

За децата било доживување. Децата сон не ги фаќало во пресрет на празникот. Девојчињата дотерани кителе ѓумче со цвеќиња. Ѓумчето полно со вода го носело на главата 7 – 8 годишно момче, а момите правеле круг околу момчето, наречено Тајане, кое клечело, додека женските деца околу пееле. Тајане бојане е маалски обичај. Старите раскажуаваат дека оделе по куќи со лонче како група млади. Гостопримливите домаќинки со широко отворени врати ги пречекувале децата и давале брашно, масло, шеќер, некаде и пари. Ретко се шетало по други маала. Празникот се памети и по кравајчињата, наредени со бонбони. Мискојна мирисала куќата од печените кравајчиња за секое дете по едно.

Денот бил трепет и за момите. Се верувало дека првата која ќе добие од кравајчето, ќе се омажи брзо.

Loading