Чебрен – манастирски комплекс

Мариово

Во минатото манастирскиот комплекс Чебрен бил еден од најбогатите и најпознатите во Мариово и пошироко. Неговата поволна стратешка позиција и фактот што во Мариово при турското владеење немало исламизација на населението, го направиле еден од најбогатите во Македонија.

Ова може да се забележи и преку темелите на стариот манастир Св. Димитрија (15 век), кој во тој период бил со импресивни димензии. Од него останал само олтарниот дел, кој денес е вграден во новиот објект. Во своја сопственост манастирот имал воденици со 12 воденички камења, многу крупен и ситен добиток, ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта. Комплексот Чебрен е лоциран во живописниот предел по течението на реката Црна на околу пет километри од селото Зовиќ. Располага со конаци со 12 легла, гостинска соба и кујна. Осветлувањето е со агрегат. Се слави празникот Ѓурѓовден кога во него се собираат посетители.

Локалитетот во средниот век се викал Чемрен за време на владеењето на царот Душан. Тој го освоил градот од Византија. Со доаѓањето на Турците престанал да егзистира. Останало само мало селце со манастирот, познат и денес како Чебрен. И селцето полека исчезнало и останал само манастирот.

Во околината уште може да се видат античките, остатоците на средновековниот манастир и на раселеното село. Археолошките истражувања и откриените монети од тој период потврдуваат постоењето на рано античка населба од времето на владеењето на македонските кралеви. Покрај остатоците од акрополата, цистерна, базилика, откриена е и една градба која е во склоп на ранохристијанска црква. Тоа е објект вдлабен во карпа, во чија средина е издлабен помал објект во форма на крст, како и четири кружни дупки во аглите на правоаголната платформа. Овој објект претставувал мартириум во кој се чувале мошти на некој христијански маченик од првите векови на христијанството кога христијаните биле прогонувани од римската власт. Блиску е големата гранитна плоча со рељеф, детелина со четири листа и повеќе помали детелинки со четири листа, која веројатно припаѓа на поранешен објект. Ваква слична форма на вдлабен крст се среќава и на еден обработен камен блок на трикорабната црква во селото Манастир. Конструкците со вдлабен крст на доцноантичката, рано христијанската базилика, можно е да била мала крстилница за крштевање на новите христијани. Детелината како симболичен мотив се јавува во рано христијанскиот период како израз на божествената тријада.

wСпоред пишаните документи манастирот во 19 век имал и свое ќелијно училиште на старословенски јазик. Се подготвувале свештеници и учители за другите мариовски села.

Loading