ТРГНА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ПЛАСТИЧНИ ДЕЛОВИ ЗА БМВ, МЕРЦЕДЕС…

Во зоната Алинци пуштени машините на германски Акомпласт

– Покрај локалните власти и бизнис секторот, на свеченото отворање на фабриката говореше и вицепремиерот Кочо Анѓушев

spritzguss 1Со црковна церемонија покрај владини и локални претставници како и гости од бизнис секторот се активираа машините на новата странска инвестиција во зоната Алинци, Акумпласт со својата фирма под име Инџекшн молдинг Прилеп. Во присуство на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, локалните власти и црковни великодостојници, германските сопственици ја ставија фабриката во погон. Таа е втора фабрика, по американскиот Гентерм, која го активира производството во технолошко индустриската зона Алинци да произведува пластични елементи за автомобилската индустрија. Пред неколку месеци и германската фирма ВИК стави камен темелник на својата фабрика од неколку милиони евра за производство на апарати за домаќинството и за ангажман на неколку стотици работници. И Гентерм веќе гради нов погон на неколку илјади метри квадратни.

Компанијата Акумпласт вложи доста да ангажира стотина работници во првата фаза. Германците планираат да градат проширување на инвестицијата но засега не ги откриваат плановите. Станува збор за инвестиција вредна неколку милиони евра која овозможи 150 вработувања. Германската компанија е специјализиран производител за пластично моделирање на делови за автомобилската индустрија со примена на врвна и иновативна технологија која  првпат се применува во Македонија и на поширокиот регион, наменета за европскиот пазар, пред сé, за врвните автомобилски гиганти. Ќе се произведуваат делови за автомобили по најсовремена технологија кои наменети за европскиот пазар и големите автомобилски брендови како што се БМВ, Дајмлер, Ауди, Фолксваген, Мерцедес,  Бентли, Јагуар. Овој реномиран германски производител има свои погони покрај во Германија, во Чешка и во Украина.

При поставуањето на темелите менаџерот Инес Андре рече дека во Македонија откриле разни производни објекти, но дека за иднината на фирма и за раст на конкурентскиот пакет пресудни биле најдобрите услови, централна позиција, подршка од општината Прилеп и добро обучените луѓе.

Државата вложи над 2,2 милиони евра за изградба на асфалтни улици, водоводна и канализациона мрежа, довод за електрична енергија, оптички кабли за интернет и сé она што е потребно за нормално функционирање на зоната.

Во Алинци веќе се ангажирани илјада работници во американскиот гигант во автомобилската индустрија Гентерм, кој инвестира 20 милиони евра. Со отворањето уште на две нови хали, тенденцијата е да се вработат околу две илјади луѓе. И Германците планираат да градат уште.             

Со 27 милиони денари на локалната самоуправа се изгради поголем дел од инфраструктурата во индустриската зона Прилеп 1. Градот доби и грант од 124 илјади евра од Светската банка. Продадени се 21 локација. Две компании веќе ги изградија халите, ги ставија во погон машините и ангажираа работници. Уште десетина фирми се во поодминат тек на градба на своите капацитети. Се очекува работа да најдат над 1500 невработени.  Во зоната Прилеп 2 веќе се продадени пет локации од кои четири за помали економски капацитети, кои ќе овозможат нови вработувања. По изборите ќе се продаваат останатите плацеви.

Локалната самоуправа ги поддржува домашните компании во нивните бизнис планови, преку брза изработката на деталните урбанистички планови, брзо спроведување на барањата за легализација, заедничка промоција на потенцијалите и реализација на бизнис средби.

Со измените и дополнувањата на Генералниот урбанистички план градот е зголемен за 388 хектари. Градот да ја интензивира развојната урбанизација обезбеди поголеми површини во зоните за домување и индустрија. Со новите детални урбанистички планови освен индустриските зони Прилеп 1, Прилеп 2 и Прилеп 3, се планираат уште две нови зони Прилеп 4 и Прилеп 5. Од 2005 до 2017 година рекордно е намалена невработеноста. Во 2005 година биле регистрирани 25.033 невработени лица, а во 2017 се 13.835 невработени. Или невработеноста е намалена за 11.198 лица.

Со изградбата на гасоводот Неготино – Прилеп и експресниот пат Прилеп – Градско преку Плетвар ќе се зголеми и конкурентноста за привлекување и влез на домашни и странски инвеститори не само на Прилеп, туку и за целиот пелагониски регион. Гасоводот веќе се гради во Тројачката котлина, а финишот кај Прилеп се очекува во 2018 година. Гасификацијата ќе го подобри квалитетот на животот, ќе ги намали трошоците за енергенси, ќе го подобри бизнис амбиентот, вклучувајќи ја и заштита на животната средина.

Должината на експресниот пат Прилеп – Градско ќе изнесува 33,5 км. Инвестицијата е 80,7 милиони евра. Предвидениот рок за градба е 2019 година во три фази. Се гради втората фаза од 10 км. од селото Фариш до Дреновската клисура. Делницата чини околу 31,4 милиони евра.

Loading