ШТАВИЧАНИ НА РОДНОТО ОГНИШТЕ

За раѓањето на Пресвета Богородица

– Илјадници гости на селскиот празник

– Се завија оро мариовско со пискотот на гајдата

stavica

Ден празник, ем сончев, ем весел, 21 септември, денот кога црквата го слави раѓањето на мајката Божја, Пресвета Богородица. Тоа  е можност штавичани да се соберат на родното огниште. Плева народ го наваса филмското село – Штавица кое од некогашните неколку стотици жители сега има само грст куќи со луѓе. А на денот на славата, повторно џагор го исполни селото, екна музика, се разви оро во дворот на црквата Пресвета Богородица. Џадето полно со автомобили, развражани насмеани лица кои се поздравуваат…

stavica1

Вообичаено, славата почнува со свечена црковна литургија, со славски леб и запалена свеќа за присет за починатите, свеќа за здравје и бериќет за живите. После како што е редот, тропаат лажици, се омрсуваат мустаќите од јавнијата, се освежува душата со пиво… Домаќините го одврзале ќесето и таман го натокмиле асталот.

Неколкумина прилепчани со корен од Штавица годинава беа домаќини.

– Чест и задоволство е да се биде домаќин, сите ги поканивме. Има уште толку кои дојдат – велат домаќините.

Домаќините со помошници небаре оси, трчаат и “дворат” во трпезаријата со ниет сите гости да се задоволни… 

Оро се зави во црковниот двор

Жителите ги бива ем за на софра, ем за на оро.

stavica2

– На Денот заживува Штавица. Се собираме домаќини. Даваме пари да се подготви јавнија за илјадници гости, обезбедивме пива, сокови, кисела вода, вина. И музика и оро за цела Македонија да гледа како умеат штавичани да направат општонароден собир, оти негуваат надеж дека ќе се врати животот во Штавица – велат во еден глас домаќините.

Средбата буди спомени

Денот е шанса да се видат и поздрават раселените штавичани, да  зборнат кој е и каде е, што му прават децата. Па дури и да се присетат или видат со учителот и други… Да се посети дедовиот гроб, да се шурни по изгаснетото огниште, од кое налеваат солзи.

– Првата година кога бев невеста, чекавме многу гости, тепсии со печени прасиња се јадеа. По ручекот со душа чекав да излезам “сред село”. Дојдоа многу иселени, ама сега има малку куќи гости да чекаат. Затоа се прави заеднички домаќинлак. Ние заминавме пред 30 години. Децата завршија, имаат работа в град. Иако е пусто селото, сето во урнати камени куќи, убаво е еднаш годишно да се собереме – вели една постара членка на семејството Јолески.

И децата родени во Штавица се сеќаваат на игрите.

Stavica 3

– Заживеа славењето последниве две години. Со собирот, ќе заживее селото и народот ќе го памети доаѓањето во селото за празникот. Паметам, празникот се славеше, но немаше многу народ – вели еден од помладите Јолески.  

И иселените и оние кои останале на родната грутка да го одржуваат семејниот жар негуваат верба за враќање на животот и распретување на пеплиштата во огништата во кои уште тлеат искри. Се надеваат дека ќе  заживее селото како некогаш. Локалната самоуправа помага во подобрување на животот.

– Селтото имаше 80 живи куќи, а сега десетина. Многу убаво беше, со ора со песни – ја турка прашината од меморијата член од фамилијата Митрески.

Велат дека во Штавица не треба човек да бери гајле, зошто жителите се добри луѓе. Полни се со душа и широки срца, иако заминале в град. Добронамерниците ги чекаат со раширени раце не само за сведенот. По патот се слушаат убави зборови за општонародниот собир, за денот кога штавичани ја туркаат пајажината од умот. 

Loading