ХРАМ ВО БОЖЈО „РУВО“

Манастир Свети Јован, во село Небрегово

Ambient za spokojstvo na dusata

Последните два километри од селото Небрегово до манастирот Свети Јован Крстител, патот не е арен. Но погледите на околината го уништуваат чувството на тресење. Се занемува од убавината во која никнал божји дом. Ѕидовите се капат наутро во изгрејсонце, а попладне во зајдисонце. Манастирот се кроти во пазувите на планината Мукос, припитомувајќи ја дивината над која се извишил.

Одморот е погоден на една од трите бетонски маси и дрвени клупи. Под сенките лете и под ветките наесен тивко “ѕуни” шумолот на треперливите лисје на раскошниот даб. Нема лето, пролет или есен за кристалниот глас на птиците. И клопотарците од говедата ја раскинуваат тишината, проткаена со птичјата песна и го исполнуваат воздухот со радост. Милина и воздишки. Нежните допири на природната убавина накалемена со божји храм.

Чувствата спонтано избиваат. Воодушевува трепетот на божјата порака. Челичи благоста и милоста. И восхитеноста од духовниот спокој.

Crkvata gi obedinuva nebregovci - Hramot Sv.Nikola vo seloto Nebregovo

Храмот зрачи со автентичност

Манастирот Свети Јован Крстител е малечко богатство здиплено во духовниот долап. Црквичката се “родила” во 1970 година, на место наречено Црквиште. Храмот е кренат на нови темели зашто надлежните институции не дозволувале да се гради на старите темели. Старата црква била урната 1300 година, а новата е осветена во 1992 година. Фрескоживописецот Ристе од Мажучиште ја украсил во 1991 година.

Во манастирската ткаеница исткаени се многу молитви до Бог, приказни за луѓе кои побарале лек од Светецот, од светонеделската, петочна вода. Луѓе, фамилии на кои им се сонило дар да дарат, фреска да направат. Ги има многу… Ѕидовите ги украсиле фрески од мајката божја, Свети Јован, Свети Кирил и Методиј, Свети Димитрија, Света Петка и Света Недела и други. Највисоко од сводот благословува Исус. Сé е дар од богољупците… Народот градел и дарувал несебично.

Слава на манастирот е Свети Јован во јануари, Свети Кирил и Методиј во мај и Иванден во јули и во септември е Отсекување на главата на Свети Јован Крстител. Свештеник одржува литургии за славите, веселби и за умирачки.

Домаќини на славите се разни фамилии секоја година. Се пријавуваат да дарат на Бога семејства на матуранти, студенти пред дипломирање, за здравје од мака, многу верници.

– Едно утро синот, кој беше матурант рече: “Годинава за здравје, сакам да бидам домаќин на славата на манастирот”. Решивме, така да биде. И сега ги варосуваме и чистиме конаците. Остана уште да ја обелиме црквата, зашто протекуваше покривот пред да се поправи. Потребна е внимателност да не се оштети фрескоживописот – објаснува Јованка Ацеска.

Crkvata Sveti Jovan  i kambanarijata koja ceka dogradba

Пред црквата се извишила камбанарија од бетон.

Конакот со осум пространи светли соби има по неколку кревети. Мириса на свеж вар. Дише чистота. Фурнаџиите имаат посебна соба, зашто месат леб во специјалната фурна. Славите ги посетувале до 300 гости. За Свети Јован и до 500. Трпезаријата собира околу 180 луѓе. Во конаците има специјална соба за свештеникот.

Проблем струјата, патот и стоката

Манастирот не функционира како економат. Има само неколку хектари забел. Мештаните успеале да изградат уште неколку нови соби со пари добиени од продажбата на дрва.

Се берат и се продаваат дрва да се купи материјал за изградба на новиот конак. Помагаа и фирми, а последниве години се одржува и се надградува само од средствата на верниците кои помасовно доаѓаат за славите. Помага и сопственикот на блискиот рудник, особен за поправка на патот.

Вода има од сопствен резервоар. Една стара жена сонила уште една вода во близина, покрај светонеделската и петочната. Мисли дека тоа е вода од Свети Јован.

Од одборот се жалаат дека понекогаш добитокот прави штета со влегување во дворот, но ќе се загради со камен и цемент и ќе се стави порта.

Konaci vo manastirskiot raj

Свети Јован Крстител – последниот пророк

Свети Јован Крстител е роднина на Исус, и е последниот пророк. На таткото му свештеник, му јавил ангел дека ќе има син, кој ќе се вика Јован. Не поверувал во сонот, зашто сопругата била постара со години и онемел. Јован се родил на Иванден. Името му го дал татко му, кој прозборел пак, кога го напишал името на синот како да се крсти. Јован сакал самотнички живот. Кога пораснал живеел во пустина, крај реката Јордан и се оддал на Бога. Со цврста волја, праведност, вистинитост, чесност, проповедал против човечките недостатоци и повикувал луѓето да се покаат.

Велел дека тој крштева со вода, но Исус е тој кој крсти со Свет дух и со оган. Јован го крстил и Исус на реката Јордан.

Царскиот намесник Ирод во развратното римско царство ја исполнил желбата на сопругата и ја донесат главата на чинија на Свети Јован Крстител. Настанот се случил во септември.

Свети Јован Крстител е последниот голем пророк наречен Претеча, бидејќи се појавил пред Христа и ги подготвувал луѓето. Крстител е, зашто го крстил Исус Христос.

Rodnata kuka na tatkoto na makedonskiot jazik - Blaze Koneski vo Nebregovo  pretvorena vo muzej

Рудникот ја запре миграцијата во Небрегово

Селото Небрегово е “богато” со 60-тина фамилии. Познато е како родно село на академикот Блаже Конески, таткото на македонската граматика и јазик. Небреговци се гостопримливи луѓе. Сите млади од селото работат во рудникот за мермер на непосредна близина. Жените се занимаваат со тутун и садат бавчи. Помладите жители велат дека нема забава. Се собираат пред колонијалната продавница. Момчиња го делат фудбалскиот терен со добитокот кој мирно пасе на еден дел, а на друг тие играат фудбал. Младите живнуваат за празник, кога се прават игранки, веселби или одат во поблиските села.

Во селото има две чешми. Од шепурката на едната, градена 1970 година, блика вода. Другата е понова. Тече, ама мештаните се мачат, оти ја немаат дома, а треба да ја носат на раце до куќите. Затоа внимаваат на секоја капка.

Селото е богато со стари градби. Повеќето од куќите се од камен со дебели ѕидови, покриени со камени плочи носени од планината Мукос. Има куќи од плитар. Во нив, зима е пеколно топло, а лето ладно. Куќите се поставени како венец од двете страни на асфалтираниот пат.

Поголемиот дел од жителите се иселени во Скопје. Како пензионери, сега идат летно време на родните огништа.

Државата и рудникот помогнале да се обнови патот. Во Небрегово сега нема масовни иселувања, оти условите се подобри. Црквата Свети Никола градена пред 150 години му се инаети на времето. Камената градба нема знаци да потклекне. Се одржуваат крштевки, веселби, помени. Слави на селото се Свети Никола и Велигден.

Но, со својата прецизност, својот шарм, камена “облека” го привлекува вниманието куќата на Блаже Конески. Направена како спомен куќа во која имало стар ентериер, од времето кога бил дете Конески. Покриена е со камени плочи, а и дворот е со камен, фино обработен.

Не може да бидете во селото и да не ги слушните легендите за бегот турски, од кој има руинирана куќа, плитарница. Мештаните раскажуваат дека под плочите во куќата се нашло големо азно. Неброено злато. Се раскажува за момата Ева која не сакала да се потурчи и омажи за бегот. Се фрлила од една карпа.

Loading