ЕРУСАЛИМ И МЕКА Е САМОВИЛЕЦ

Ритуал со лековитата вода над селото Дабница

Самовилите ги спојуваат луѓето без разлика на верата или националноста, туку по маката и копнежот

Misticnoto mesto Samovilec

Месноста Самовилец, на еден саат пешачење од селото Дабница, е Мека или Ерусалим за прилепските Роми. Секоја година, ноќта спроти празникот Ѓурѓовден, стотици Роми и Православци го посетуваат изворот со лековита вода во процепот на карпите. Според легендата, таму се миеле самовилите. Еден час по полноќ, се бркаат самовилите од изворот, порано со оган, а сега со огнено оружје, и се вели дека се случило чудо. Народот внимателно се реди да се измие со чудотворната вода, богата со илач, среќа, бериќет и со верување за исполнување на желбите. Ритуалот е своевиден аџилак, со примеси на исламот и христијанството. Некои сметаат дека има елементи и на паганството. Адетот е повеќевековен татнеж на предците, пренесуван со генерации.

Bajram Rifatoski so cudotvorna voda stapkite na pretcite

Самовилец крие привлечна мистичност. Таинствените самовили паметно ја одбрале локацијата за чудото. Карпите се колосални, но тркалезни, извајани од природата и од постојаниот проток на дождовница. Вдлабнатините личат на садови за светата вода. На лединката пред изворот се кренати неколку импровизирани објекти да го засолнуваат народот од невреме. На зелената мајска ливада, домаќините ги почестуваат гостите со вечера од вкусен грав и јагнешко месо од курбанот на дарителите.

Самовилите ги спојуваат луѓето еден до друг. На 5 мај младите Роми со по некоја пара во џебовите или по некој пиштол, земаат јагне или овца за колење, водат магаре товарено со дрва и се упатуваат по козјото патче кон Самовилец, каде ноќта се “јавуваат” самовили, кои ја осветуваат водата која се претвора во здравје. Се верува дека самовилите се појавуваат ретко, но може да се забележат во мрачната ноќ со внимателно набљудување.

Шеесет идве годишниот Бајрам Рифатоски е таканаречениот чувар на светата вода. Тој е потомок на старите негувачи на традицијата. Раскажува дека му се сонило да им помага на луѓето.

– Со друштвото сум домаќин и наследник на ритуалите на нашите родители, дедовци и прадедовци. Местото меѓу грамадните карпи набујува со лековита вода, која луѓето ги загрнува првин со радост, а после со к’смет и илач. Водата е чудотворна. Затоа, околу изворот се палат свеќи за здравје, се оставаат дарови и завештанија. По полноќ, со пушки и пиштоли се пука во небото да се избркаат самовилите од нивното миење и народот да ја ползува водата. После се дели вода, со која самовилите ги миеле рацете. Чудотворноста не разликува Муслимани, Православни или други верници. За сите е еднакво силна водата – објаснува Рифатоски.

Порано, самовилите се бркале со пламен, а сега е малку сменет обредот.

Kurbanot se gotvi da se pocestat gostite - dokmakinkite na Samovilec

– Доаѓаат млади и стари, сите со својата мака и во потрага по к’смет. Неженетите и немажените се мијат и викаат од карпите “Годинава тек, а в година чифт”. Тоа значи дека копнеат по брачен партнер, за друшка. Ако им се исполни желбата, со брачниот другар носат подарок, оти соништата им станале стварност. Брачни двојки без челад, се заветуваат и носат јагниња за курбан. Се измиле со водите и Господ им дарува бебешки плач во куќата по една година. Други најдуваат здравје. Доаѓаат иселеници од Америка, од Европа, од Австралија. На еден од САД му дошло на сон да го донесеме овде. Тој заздрави и ни испрати подароци. Многумина, само се поклонуваат и палат свеќи, се мијат за бериќет -кажува Бајрам.

Младите носат јагне, ако се ветени за машко дете.

– Господ ме слушна и ми дари син. Му се заблагодарив со јагне, како што се ветив. Се исполнуваат желбите. Младите да ги следат адетите на постарите, оти со водите, мечтите стануваат јаве. Секој ќе го следи среќа на сите полиња во животот – вели еден од младите.  

Со години се домаќинки Мазес Рушитоска и Сејдие Салиоска. Во осветлените бараки приготвуваат вечера за гостите.

Organizatori i gosti na na adetot

– Јагнињата и петлите на таксаните ги приготвуваме за вечера. Се вари и грав и се служи на гостите. Многу души виделе себап од водата. Некои со болки во нозете, се исправаат и заминуваат прави и здрави како дрен. По чаре идат луѓе од цел свет, оти водата е лековита, како кај манастирот Свети Димитрија кај селото Селце – убедуваат Мазес и Сејдие.

Рифатоски вели дека останатиот грав и месото заедно со канти со вода се делат на Ѓурѓовден по домовите.

Ритуалот да биде со сите нишани, помагат и дрвари. Тие ги позајмуваат десетината мазги да ги качат низ беспаќето агрегатот за струја, нафтата, садовите за готвење, шпоретите и намирниците за одржување на церемонијата.

Празникот на православието, Свети Ѓорѓи е голем ден за славење на големиот пролетен фестивал Едерлези кај Ромите во цел Балкан.

Самовили на Трескавец

Според легендите, две од самовилите се споменуваат и во манастирот Трескавец, во близината на Самовилец. Во преданијата се кажува дека едната самовила го чува манастирот, а другата ја варди манастирската црква Света Богородица.

Loading