Храмот Свети Кирил и Методиј
– Градена е на темелите на мала црквичка во триесеттите години од минатиот век, и затоа и денес ја викаат Параклис.
– Властите сакале да го носи името на срспкиот светител Свети Сава
Храмот Свети Кирил и Методиј, познат и како Параклис и годинава свечено го одбележува својот празник. Светите браќа Кирил и Методиј се познати христијански светители, најмногу за словенските народи. За нив во црковните богослужби се пее како за рамноапостолни, учители и просветители. Учители и просветители се затоа што ја создале азбуката, преведувале книги и учеле многу народи на писменост и наука. Рамноапостолни се, оти се еднакви на апостолите. Ширејќи ја писменоста, го ширеле и христијанството. Голема е заслугата на Светите браќа за покрстувањето на словенските народи.
Огромно е почитувањето на Светите браќа Кирил и Методиј во Прилеп и пошироко. Тоа се гледа во тоа што голем број прилепчани ги носат имињата на овие светители и на овој ден слават именден. Има и семејства во кои, ако на едното дете му дале име Кирил, на другото му даваат Методија.
Во почетокот на 20 век во Прилеп е изградена грандиозната црква посветена на Светите браќа Кирил и Методиј. Градена е во време на српската окупација на Македонија. И постои едно кажување дека властите во тоа време за градба на црквата го определувале местото кај денешната пошта, но црквата да биде посветена на Свети Сава, но иницијативниот одбор и народот не се согласил, па со отстапување на места од имотите на видни прилепски семејства, изградена е црквата на местото каде од порано постоела помала црквичка – Параклис од 1884 година, а која ја паметат постарите дека е урната во средината на 20 век.
Црквата Свети Кирил и Методиј претставува репрезентативно остварувања на познатиот белградски архитект Момир Коруновиќ, чија активност на овие простори во периодот меѓу двете Светски војни резултирала со значајни архитектонски остварувања.
Светиот дом е граден е во непосредна близина на стариот Параклис. Храмот има основа на впишан крст. Се влегува со искачување на неколку скалила, со што започнува градбата на храмови во велелепни стилови. Во подрумот на храмот се наоѓаат гробници од загинати војници од Првата светска војна. Црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп градена е во периодот од 1926-1936 година, аа на 4 октомври 1926 година, на најсвечен начин, е положен камен темелник. Првата служба е одржана во ноември 1930 година, веројатно во подрумските простории каде се изградени костурници за коските на оние кои загинале во Прилеп во војните од 1912-1918 година, а во 1936 година црквата ја осветил тогашниот епископ Охридско-битолски Николај (Велимировиќ).
Црквата е висока 23 метра. Покрај костурницата има балкон за жени и посебен балкон за пејачки хор. Храмот има скромен иконостас, кој не е споменик на културата. Во 2006 година довршена е градбата на куполата, која не била крената при градбата на храмот, заради немање на финансии.
Последниве години во црквата се сликаше фрескоживопис во олтарниот дел.
Кои се Кирил и Методиј?
Светите Браќа, Кирил и Методиј, влијаеле врз културниот развој на Словените. Затоа ја добиле титулата Апостоли на Словените. Заслужни се за изумување на глаголицата, првата азбука користена да се препише на старомакедонски јазик. Глаголското писмо или глаголица (ранохристијанска азбука) е најстарата позната словенска азбука. Била создадена од Кирил и Методиј околу 863 година за преведување на Библијата и други книги на словенските јазици. Глаголицата има 41 буква, но нивниот број малку варира во подоцнежните верзии. 24 букви водат потекло од древно македонското писмо – венетското со орнаментален изглед.
Во почетокот на IX век Византиската империја доживува културен расцут. Родителите Лав и Марија, по народност Македонци од Солун родиле повеќе деца. Побожните родители ги упатиле своите рожби во христијанството уште од детството. Синот Константин од младоста се занимавал со списи. Татко му го испратил во Цариград да го продолжи образованието. По школувањето, станал библиотекар при црквата Света Софија, а потоа бил поставен за професор по филозофија во училиштето, откаде го добил името Константин Филозоф.
Методиј се здобил со светско образование и се посветил на државната служба. Бил надарен со христијански добродетелен живот. Се посветил на преведувањето на светите книги на јазикот на Македонците.
Мисионерската дејност на Светите Браќа меѓу Македонците за возобновување и применување на македонската азбука е забележано во житието на Свети Наум.
Епохалното мисионерско дело Светите Браќа го почнале со мисии, кога Ростислав, кнезот на Велика Моравија, побарал од византискиот император Михаил 3 да му прати “епископ и учител, кој ќе ја објаснува на нивни јазик вистинската христијанска вера”. Заедно со ученици и помошници, тргнале во Моравија да отворат училиште на свој јазик за подготовка на свештеници и учители за Западните Славјани. Отпор давале германските свештеници, па Браќата го докажувале правоверието во Рим. Папата Адријан 2 ги одобрил македонско-славјанските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре. Дал согласност да се богослужи на македонски јазик во три римски цркви.
Кирил во Рим се разболел и се упокоил во 869 година. Методиј го продолжува делото за Западните Славјани со своите ученици. Истоштен од напори и измачувања, Свети Методиј се упокоил во Нитра 885 година.
Кирил и Методиј им служеле на славјанските народи, а нивните надарени ученици Свети Климент и Свети Наум, охридските светители и чудотворци, учители и просветители, го продолжиле делото на Светите Браќа.