Фудбал: Гоце Ингилизов, претседател на Победа
– Посредници за засилувања се јавуваат од цел Балкан
Победа е клуб за кого се зборува низ цела држава, не само поради пласманот во прволигашкото друштво, туку повеќе поради полните трибини на стадионот “Гоце Делчев”. Прекрасно е да се биде прилепчанец, навивач на овој тим, а во вакви моменти покрај тренерите и фудбалерите, во фокусот на вниманието е управата предводена од претседателот д-р Гоце Ингилизов.
Можете ли да го опишете чувството?
– Секој успех во животот носи радост, но кога е колективна радоста, тоа е неколкукратно посилно. Направивме успех, кој ретко го очекуваше некој на полусезоната. Тоа нé прави радосни и горди.
Од седмо кон прво место. Што се случи?
– За да се победува, многу коцки треба да се состават од тактичката, физичката и менталната подготвеност на фудбалерите, неутралноста на официјалните лица, поддршката на навивачите, финансиите од спонзорите, пристапот на управата… Верував во можностите на играчите уште од првиот пријателски натпревар, а ми требаше време и нив да ги убедам дека сме најдобри.
Пет месеци сте претседател. Од што сте најзадоволни?
– Наидов на топол прием во клубот, спонзорите, стручниот штаб и фудбалерите. Имав одлична соработка со Обрадовиќ, Спиркоски, Димоски, тренерите Крстески, Вршкоски и покојниот Смоквоски, медицинскиот тим и сите останати. Благодарност до спонзорите за финансиите без кои немаше да успееме.
Како гледате на 8.000 гледачи на мечот со Љубанци?
– Атмосферата прекрасна. Убеден сум дека в сабота со Велазерими пак трибините ќе се наполнат, бидејќи со триумф го заверуваме првото место. Прилепчаните се гладни за фудбал и не треба многу напор да се доведат на стадион. Ме радува одличната соработка со НК “Мајмуни”, кои нé бодреа насекаде.
Организиравте спектакл. Како успеавте?
– Ова е најфудбалскиот град со најверните и најбројните навивачи. Организацијата е макотрпна со учество на повеќемина од клубот. Се исплати трудот. Кога ќе го видите стадионот полн, кога ќе ја почувствувате атмосферата, се заборава маката.
Што понатаму?
– Нема залетување. Одиме чекор по чекор. Прва лига не е иста како втора. Петпати ќе биде потешко, но и ќе вложиме петпати повеќе. Нема назад, мора да напредуваме. Целта е средината на табелата, подалеку од опасната зона. Ако се дофатиме до погорните позиции, би бил пресреќен.
Играчкиот кадар?
– Бевме доминантни во оваа лига со мошне квалитетни играчи. Едни се во полна играчка зрелост, други можат многу да напредуваат. Поискусните ја прават стабилноста во тимот, а младите притисок на првотимците. Имаме добар костур, кој би сакал да го задржиме и надградиме на неколку позиции.
Градот зборува за засилувања?
– Шпекулации. Единствено што е вистина е присуството на Зоран Даноски од Чешка и Дарко Илиески од Металург. Се јавуваат менаџери од цел Балкан, но без сериозен предлог. Контактирав со менаџер од Бразил за соработка со агенции за јужноамерикански фудбалери, но се е во рамките на првични разговори. Да видиме што најмногу ни треба, после ќе реагираме со засилувања.
Спонзорите?
– Имавме неколку состаноци со сопствениците на фирмите. Среќни се и свесни за понатамошната одговорност, но и желни за нови успеси. Не треба да чекаме само на нив. Победа е на сите прилепчани и ги повикувам сите заинтересирани да помогнат заедно да стигнеме до врвот од македонскиот фудбал.
Пехарот в сабота
После триумфот над Љубанци (1-0 со голот на Димитриоски) ново уживање за навивачите е в сабота (16.30 часот) дома со Велазерими. Ако триумфира, Победа го добива пехарот. Се очекуваат полни трибини.
Табела: Победа 44, Македонија ЃП 43, Тетекс 39, Велазерими 38, Скопје и Пелистер по 36, Љубанци 34, Еуромилк 33, Гостивар 30, Кожуф 17.