Моделарство: Светски куп
Претстојниов викенд на теренот од стадионот “Могила” е Светскиот куп во летови со мултиротори (дронови), организиран од клубот Фил феникс и ВФМ, според календарот на ФАИ. Учествуваат 23 пилоти од седум држави. Македонците од Скопје – Бојан Ников, Александар Ников и Бошко Петрески (последниов со прилепски корени), имаат ривали од Кина, Чешка, Србија, Турција, Бугарија и Унгарија. Бојан Ников лани го освои златниот медал. Според тоа, претстои голема битка кон освојување нови поени за светската листа од ФАИ. Гледачите ќе можат од трибините да уживаат во трките на дроновите кои развиваат брзина и до 150 километри на час.
Натпреварите со дронови во Прилеп се со традиција од 2016 година, а светските купови од 2017.
Златни браќа Најдоски
Во Валчитран, Бугарија, беа два светски купа. На “Меморијал Николај Николов” Лука Најдоски го зграби златото кај јуниорите во Ф1А (едрилици). На “Бугарија куп” брат му Дино Најдоски во Ф1А кај јуниорите беше втор, а во Ф1Х (помали едрилици) прв кај јуниорите, втор кај сениорите.
Лука Најдоски е трет на генералниот пласман во Ф1А.