Патрон празник во ОУ “Блаже Конески”
Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на Блаже Конески пред националната установа ЦК “Марко Цепенков”, на бистата во училишниот двор, со традиционалната посна закуска во наставничката канцеларија, со посетата на Небрегово, на спомен домот и со свечената академија во театарот, традиционално учениците и наставниот колектив од ОУ “Блаже Конески”, во придружба на претставници од локалната самоуправа го одбележаа патрониот празник.
Генерациите му се поклонуваат на Блаже Конески, го осветлуваат ликот и делото на патронот, за идните генерации, негувајќи го јазикот кој е идентитетот на еден народ. И овој пат ја упатија пораката: “Без јазик си никој и ништо – ние сме Македонци, православни христијани – нашата држава е Р. Македонија – нашиот јазик е македонски – сé додека постои јазикот ќе постои и нацијата”.
На 19 Декември 1921 година во Небрегово роден е Блаже Конески, доајенот на македонската литература, академикот, лингвист и филолог, втемелувачот и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик. Инспирирани од големиот книжевник, Блаже Конески, по повод роденденот, членовите на литературната секција од училиштето кое го носи името на великанот, како и од другите училишта, со претставници од локалните власти, го посетија спомен домот на академикот во Небрегово. Положија свежо цвеќе и се одржа литературното читање “Македонскиот јазик – тоа сме ние!”.
Од прекрасните изработки беше организирана ликовна изложба, на која покрај учениците од училиштето, домаќин, учествуваа и ликовни творци од ОУ “Коцо Рацин”, “Рампо Левката”, “Добре Јованоски” и “Кире Гаврилоски – Јане” со своите ментори. Идејата и реализацијата на изложбата беше на наставничката Билјана Бинчев. Се доделија пофалници и благодарници.
За Св. Никола, учениците од 3 одделение со наставниците го посетија храмот Св. Петка во Точила и во христијански дух за благосостојба и берикет, запалија свеќи за здравје. Патрониот празник секогаш го најавува денот на заштитникот на градот, Св. Никола, и Новата година.
Пристигнаа и голем број честитки за празникот на училиштето од колегите од другите училишта, од Бирото за развој на образованието и други институции и установи, во кои íм посакуваа и идната години да се исполнат со радост и успеси на сите полиња на учениците и на наставниците во рамките на воспитанието и образованието.
Во честитките за денот беше искажано и уверување дека ОУ ќе продолжи под водство на Дулевска да го следи периодот на целосна промена во позитивниот курс на управување на образовната институција со позитивна атмосфера и отвореност за соработка.
Им се заблагодарија на сите пријатели и добронамерници кои помагаат во унапредувањето на работата.
И понатаму учениците и наставничкиот колегиум несебично ќе ја продолжуваат битката со знаењето во училиштето, кое со гордост го носи името на големиот поет и академик Блаже Конески.