ФИСКУЛТУРА ВО СУПЕР УСЛОВИ

Во средата ОУ “Климент Охридски” ги отвори вратите на реновирана спортска сала, на која е сменет подот со квалитетен од ПВЦ, целосно е варосана и има нова електрична инсталација за подобро осветлување. Набавени се и спортски реквизити – душеци, топки за одбојка, ракомет, кошарка, а има и табла за пинг понг. “Постилањето” на салата чини 400 илјади денари, обезбедени од локалната самоуправа.

На отворањето, покрај радосните деца кои ги испробуваа новите реквизити, присутни беа родители, директори на СОУ и ОУ, како и најодговорните за проектот, градоначалникот Марјан Ристески и раководителот на одделението за образование при ЛС, Марјан Матракоски. За училиште со 800 ученици, меѓу кои има и деца со специјални потреби, салата во целост ја исполнува улогата.

Директорот Дарко Јовески истакна дека покрај реновираната сала, вложени се 100 илјади денари за кабинетот по техничко образование и 200 илјади денари за целосно сменети две училници од одделенска настава. 

Градоначалникот Ристески рече дека ова решение за салата ќе трае 30 години. Најави и комплетно реновирање на санитарните јазли и комплетна реконструкција на подрачното училиште во Мажучиште.  

Loading