ОРКЕСТАР ЗА ПОГРЕБИ И …

Колку и да се рационализа смртта, таа за блиските секогаш е болна и носи тага што трае и трае… Траорни се адетите околу мртовецот. Лелеци, плачки, солзи, неверување. Ретко кој останува трезен во расудувањето. Затоа постојат погребни претпријатија да им помагаат на ужалените колку – толку. Се грижеле и се грижат да го олеснат периодот на преминот од овој на оној свет.

Доколку фамилијата сака поголема почит за покојникот, покрај ковчегот, венците и свештениците, најмувале и оркестар. Со маршевите, тој ги подзадушувал лелеците и плачот на блиските. На фотографијава е некогашниот прилепски дувачки оркестар, кој, освен за ублажување на семејната тага и чест за покојникот, свирел и марширал по улиците со друг музички репертоар, соодветен за други пригоди, како за државни празници, ја свирел химната при кревање на знамето, комеморации, одбележувања, годишнини… Со униформите повеќето од членовите изгледаат сериозно и тмурно. Физиономијата без насмевка им преминала во “професионалната деформација”. Нема многу весели лица како кај специјализираните оркестри. Честите свирки на погребните поворки ги исчеличила и ги отапила емоциите на дувачите.           

Loading