ПРАЗНИК НА ХРИСТИЈАНСТВОТО

Константин и Елена

Царот Константин, познат како Константин Велики, се споредува со светиот апостол Павле. Тој е втемелувач на христијанството и основач на Цариград (Константинопол).

Заедничкиот ден на Константин и мајка му Елена се празнува на 3 јуни. Во гевгелиско е тежок празник и никој не работи. Се одело на панаѓури по селата. Во селото Конче се ноќевало во црквата и се оставале дарови за здравје. Цепенков забележал дека во Прилеп Свети Константин и Елена биле покровители на трговскиот еснаф. Под манастирот Св. Наум Охридски  Чудотворец, до езерото има извор со лековита вода. Според верувањето, водата секогаш е лековита, но најмногу на празникот Св. Константин и Елена. Според едно предание Свети Наум му рекол на таткото на една ќелава девојка да појди на денот Свети Константин и Елена под карпата каде што течела вода и да ја измие девојката. Така направил и нејзе веднаш í пораснала убава и густа коса. Затоа за празникот доаѓаат луѓе со мака да се мијат со водата од изворчето и да вудат себап.

Царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена, за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите.

Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијаните, тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал оваа вера.

Во првите три века христијанството било жестоко прогонувано. Биле уривани храмовите, биле палени христијанските книги, а христијаните биле подложувани на најжестоки измачувања. Дури за време на Констанциј Флор, таткото на Константин, омекнал односот кон христијаните.

Константин е најстариот син на царот Констанциј и царицата Елена. Константин е роден во Ниш во 274 година. Кога татко му умрел во Англија, во 306 година како император на Западната римска империја Константин го заменил на императорскиот престол. Мајка му Елена, побожна жена, го советувала да ги штити христијаните зашто биле добри луѓе. Како император, раководел мудро. Христијаните чувствувале поголема слобода за верските чувства. Дури бил баран да ги ослободи од тираните во Рим. Пред битката против владетелот Максенциј, Константин размислувал на кој бог да му се моли. На небото видел светол крст и напис: “Со овој знак ќе победиш”. Виделе и војниците. Следната ноќ во сонот му се јавил Спасителот со истиот знак и му рекол да направи војнички знак како тој што го видел на небото, да го носи пред војската и ќе го победи непријателот. Повикал златари да го направат крстот. На копје покриено со злато имало пречник што со копјето правел крст. На врвот од копјето имало венец од злато и бесценети камења, а на венецот првите две букви од Христос: Хр. Овие две букви подоцна царот ги носел на шлемот. На пречникот висела тенка пурпурна ткаенина навезена со злато и покриена со бесценети камења. На копјето под самиот крст, а на горниот дел од ткаенината биле насликани во разни бои ликовите на царот и неговите деца. Со овој знак влегол во битка во близина на Рим. Лесно победил. Константин влегол во Рим, радосно пречекан, оти населението го ослободил од тиранинот.

Донесол закон, познат под името Милански едикт во 313 година, со кој го забранил прогонувањето на христијаните, им дозволил да градат храмови и во нив да се молат. Тогаш, голем број христијани со лични средства изградиле цркви.

Царот Константин среде Рим подигнал споменик на овој знак, означувајќи го за чувар на Римската империја. Изградил и статуа со својот лик со крст во десната рака и со напис на латински јазик: “Со овој спасоносен знак што е сведоштво на вистинската храброст го ослободив нашиот град од јаремот на тиранското владеење, на сенатот и на римскиот народ им ја вратив слободата и поранешниот украс и сјај”.

Но, тешко се разболел, а лекарите му советувале да се искапи во крв од заклани деца, што тој го одбил. На сон му се јавиле светите апостоли Петар и Павле, кои го советувале да го побара епископот Силвестер кој ќе го излекува од страшната болест.

Царот ги повикал христијаните и ги прашал дали имаат богови што се викаат Петар и Павле. Тие му одговориле дека имаат само еден бог Исус Христос, а дека Петар и Павле се светци што нему му служат и дека маченички загинале во Рим. Царот го побарал епископот Силвестер, а овој откако го запознал со верата христијанска, го крстил по што и болеста исчезнала. Така царот Константин бил првиот римски цар што бил крстен.

Според друго предание, царот Константин е крстен во Никомидија непосредно пред смртта, иако христијанската вера ја исповедувал од многу порано. Изградил повеќе цркви, а тоа го правела и мајка му Елена.

По победат над Византијците, го изградил градот на Босфор, кој по неговото име е наречен Константинопол, Нов Рим или Цариград.

Кога настанале потреси во црквата, го свикал в Првиот вселенски собор, во 325 година на кој било осудено учењето еретиците и победиле принципите на православието.

Мајка му Елена е заслужна за пронаоѓањето на светиот крст на кој бил распнат Исус Христос. Таа наредила да се копа околу гробот Христов и се нашле три крста, од кои два гроба биле на разбојници. Не можеле да дознаат кој од трите е Христовиот крст. Во тоа време минувала погребна поворка и царицата Елена наредила мртовецот да се стави на трите крстови. И се случило чудо, на еден од нив мртовецот оживел. Тоа било знак дека тој е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос.

Кога за тоа разбрале жителите на Ерусалим потрчале да го видат крстот. Но од големата турканица што се создала не можеле да го видат, поради што владиката ерусалимски Макарие, неколку пати го кревал и спуштал крстот, вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време народот се крстел и пеел “Господи помилуј”. Царицата изградила голема црква на местото каде што бил распнат Исус и каде што подоцна во 326 година го пронашле крстот на кој бил распнат.

Царицата Елена умрела во 327 година во 80-тата година од животот. Моштите биле пренесени во Цариград и биле погребани во црквата на Светите Апостоли. За чудата што ги правеле моштите на Елена се раскажувало во Франција.

Константин ја надживеал својата мајка за десет години. Умрел во градот Никодимија во 337 година, по 32 години царување, на 65 години.             Телото било погребано во специјален изграден гроб во црквата Свети Апостоли во Цариград.

Loading