ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 6

Линда се согласила и од едно осамено место, надвор од градот, во високи треви, една летачка што “личела на запалена ѕвезда” ги однесла некаде далеку во космосот. Каде точно, тоа никогаш не сакале да и го кажат на родната планета од Ксенон. Првите месеци ги минала во новата средина пријатно. Сите биле многу љубезни со неа. Ксенон таму заземал високо место во она што на Земјата би се викало Академија на науките и уметностите. Но полека животот почнал да и станува монотон. По цели денови гледала една  телевизија проектирана на ѕидот од собата во релјеф, што давал многу реалистичка илузија на три димензии. Проекторот бил и еден вид компјутер, та човек можел да го употребува, меѓу другото со креирање различни слики: предмети, животни, убави жени облечени или голи, градови, битки, итн. Еден ден му рекла на Ксенона дека чувствува силна желба да имаат деца.

– Тоа нема да биде лесно –  одговорил.

– А зошто? И двајцата сме нормални млади луѓе  – го прашала.

Ксенон се насмевнал и одговорил:

– Затоа што ние овде и вие луѓето од Земјата не сме од ист род.

– Како така, “не сме од ист род”?! Не разбирам што сакаш да кажеш.

– Вие на Земјата сте од животинско потекло, а ние овде од растително, мила моја Линда. Заради тоа без специјален третман не е апсолутно возможно да се зачне дете меѓу нас.

– Се шегуваш, Ксеноне! Ти си граден како мене. Немаш ништо од некое растение.

– Така ти изгледа, ама сепак е вистина. Во нашата повеќемилионска еволуција, добивме една од најрационалните природни форми за суштества слични на вас и на нас, за креатури кои се надарени со нашата форма на мислата, на размислувањето, и кои работиме на сличен начин со слични алати. Но, разликата меѓу вас и нас е длабока, битна. Ние сме растенија, а вие сте животни.

Како удрена од ровја, Линда повеќе денови и ноќи останала полусвесна заради соопштението на Ксенон. Една вечер пак почнала да зборува на истата тема:

– Ми рече дека постоел некаков специјален третман, што би овозможил да имаме деца…

– Да, ама е опасен. За ова не смеам повеќе ништо да ти кажам. Размисли добро, оти ако сакаш да го поднесеш тој третман, ќе се изложиш на големи опасности.

– Не е важно. Моите претци правеле и раѓале деца. И јас сакам како нив да бидам мајка. Ќе поднесам сé, тоа да се исполни.

Ксенон се насмевнал тажно и одговорил:

– Добро, утре ќе те однесам во Академијата. Таму ќе ти извршат цела низа тестови, медицински анализи… Доколку резултатите се позитивни, ќе бидеш подложена на специјална операција што ќе направи да бидеш поливалентна, да можеш да имаш во зависност од партнерот дете и со маж од твојот род, и со маж од нашиов род. Ама те предупредив: размисли уште, оти ако се согласиш, ќе се изложиш на големи опасности, големи барем за вашите земјански поими за опасност.

– Размислив веќе и сакам да имам дете со тебе, Ксеноне.

о   о   о

После успешната интервенција во Академијата, набрзо Линда останала тешка.

Во овој момент од нејзиното раскажување, ја прекинав:

– Слушај, Линдо, ова што ми го кажуваш за нашава наука е апсолутно фантастично, неможно. Еве, да речеме дека е вистина дека Ксенон и неговото човештво се растенија кои по пат на долга еволуција се ослободиле од корените, од лисјето, и станале “рационално”, природно сосема слични на нас, зашто таквата форма е колку што ни е познато најадекватна за хуманоидите од нашиов тип. Ама меѓу другото има една брана испречена што нé дели нас од нив: кај растенијата, хлорофилот, кој им ја дава зелената боја, и кај нас, крвта, имаат хемиски ист состав: четири јадра – молекули пирол. Но, тие јадра имаат како централен атом еден сосема различен елемент: во хемоглобинот наш тој централен атом е железото, а кај растенијата во хлорофилот е магнезиумот. Со други зборови, навистина станува збор за два рода меѓу кои не е можно да се прават деца.

продолжува

Loading