ДЕМОКРАСТКИОТ ПРОЦУТ ГО ДОНЕСЕ КРСТОТ

Жикица Петрески за поставувањето на крстот на Саатот пред 31 година

На Крстовден пред 31 година на Градскиот саат беше симната петокраката и беше поставен крстот кој уште го краси “натопорениот”, гордоста на Прилеп, како што милуваат да го наречат споменикот на културата. За мотивите за промената на петокраката се сеќава Жикица Петрески кој тогаш беше потпретседател на Собранието на Прилеп.

-Немаше некој посебен мотив, но тоа беше раскрстување со комунизмот, се менуваа имиња на улици, грбови на општините… Идејата беше на претседателот на Собранието на општината Илија Димоски и на владиката Петар. Ние бевме пред битолчани кои се носеа со истатата идеја. Одборниците дадоа виза и беа запознаени раководителите на службите на состанокот кој секогаш се одржуваше во понеделник. Сите знаеа дека до 1952 година имало крст, кој бил симнат и била поставена петокраката. Саатот веќе беше почнат да се навалува и се донесе одлука за да не се наруши статиката, стариот крст кој бил тежок и не можел да се најде, оти бил направен од монети кои се менувале, да се направи нов крст од алуминиум кој го изработи фирмата Алумина од Скопје. Имаше повик граѓаните да донираат на посебна жиро сметка. Сите фирми кои ги посетивме со Илија Димоски, даваа донација. Дури имаше еден фудбалер кој извади 200 долари од џеб и донираше. И тие пари се внесоа на сметката. Во тогашниот весник Народен глас излезе објава кои прилепчани донирале, а тој список како додаток требаше да стои во Саат кулата, но никогаш тоа не се случи – се сеќава Петрески.

Неговиот скромен прилог бил 20 илјади денари, нешто повеќе од платата. – Уплатата сум ја извршил ден потоа, а не знам зошто точно тогаш. Можеби заради недоволно собраните средства од донациите или пак тогаш била исплатата на платата, не се сеќавам – објаснува Петрески кој тогаш беше потпретседател на Собранието на Прилеп.

Крстот тежел 60 килограми. Народот многу позитивно гледал на промената. Имало реакции од Министерството за култура, од Владата, сепак се спровела замената во целост. Според Петрески тогаш имало повеќе демократија отколку сега.

-Промените во другите држави се правеа со ќеф, а кај нас со потешкотии. Нема заедништво. Тогаш имаше многу големо разбирање и се водеа дискусии меѓу политичките партии. Во дискусиите е демократијата. Сега нема демократија, треба да се почитува партиската одлука – вели Петрески.

Призанава дека партиската активност ја замрел и не го ажурирал партиското членство во ВМРО-ДПМНЕ. Не се согласувал со многу работи особено со начинот на функционирање.  

ГО ПУШТИЛЕ ОД ЗАТВОР ЗА КРСТОТ

– Човекот кој го местел крстот беше на ослужување на затворска казна. И беше ослободен за да го изврши поставувањето – се сеќава Петрески

КРСТОВДЕН

Воздвижение на Чесниот Крст или Крстовден е значаен христијански празник. Секогаш  паѓа на 27 септември по стариот календар. Крстовден е празник на пост и покајание. Овој ден се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос, наречен Чесен Крст, и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст. На овој ден верните се потсетуваат на распнатиот Богочовек, на Крстот достоен за безусловна верност, и на неизбежното спасение кое доаѓа преку Христовото Распетие и сораспнувањето со Него. За време на празникот, Крстот е положен во центарот на Храмот, окружен со цвеќа и гранчиња босилек.  

Се слави двапати во годината, 18 јануари и 27 септември.

Некои семејства го слават како куќна слава.

Loading