СОВЕСТА ГРИЗЕ

Македонската серија “Бистра вода”. Повторуваме. Актерска игра на највисоко ниво. За јазикот не може да се рече така. Напротив. Продолжува чудната потреба да се игра на некој локален говор, на скопскиот. Но, барем да е така. А не е. Премногу србизми и премногу неправилности. Една од епизодите е насловена “Грижа на совеста”. Двата збора се погрешни. Именката “совест” неопходно е да биде членувана. Со другата именка “грижа” ќе се позанимаваме малку повеќе. Што значи таа именка во нашиот јазик? Народски тоа е “гајле”. Колку пати сме чуле да се вели – не бери гајле, немај гајле, имам големо гајле и којзнае уште колку гајлиња. Во литературниот јазик наместо “гајле” се користи (треба да се користи) именката “грижа” наместо – не бери гајле, ќе речеме – не грижи се, наместо гајледисан ќе речеме загрижен. Значи, човекот може да има голема грижа за нешто, може да се грижи за некого (родител за децата), некој може да е загрижен за своето здравје… Накусо, “гајле” е архаичен збор, “грижа” е литературен, а значењето им е исто. Кој кога ќе се употреби зависи од повеќе причини. Бидејќи српскиот јазик ни е секогаш тука, при рака, често земаме зборови од него (без потреба), случајот е таков и сега. Инаку, српската именка со значење на “грижа”, гласи “брига” – забринут – загрижен, велика брига – голема грижа и многу такви.

Го спомнуваме насловот “Грижа на совест”. Рековме дека именката “совест” треба во овој случај да биде членувана. Но, што значи тој збор – СОВЕСТ? Тоа е всушност она морално чувство со кое определуваме што е добро а што е лошо. Ќе рече некој: “Совеста не ми дозволува да те лажам”. Човекот може понекогаш да присака, да присвои нешто што не е негово. Но, тука интервенира СОВЕСТА. Или не интервенира. Зависи кој колку ја има. Сево ова го пишуваме поради споменатиот наслов на односната епизода – “Грижа на совест”. Во српскиот јазик би рекле – “Грижа савести”. Во тој јазик си има свои правила и секако, имало причина зошто е тоа така, зошто е употребена именката “грижа”, иако српското е “брига”.

Запливавме малку подлабоко. Ајде, накусо. Дали совеста се грижи за нешто или пак гризе за нешто? Сметаме дека насловот е погрешен. Освен што именката “совест’ треба да е членувана, на именката “грижа” не и е тука местото. Ако направил некој нешто лошо, потоа размислил и дошол до сознание дека не требало така, неговата совест нема да биде мирна. Таа ќе го гризе. Тоа не е грижа, не е гајле, туку е гризење на совеста. Во нашиве речници, и во најстариот (тритомниот), но и во новиот (Толковниот) нема регистрирано таков израз – “Грижа на совест”. Убаво е објаснето значењето на именката “грижа” но никако не во некоја комбинација, во некој израз кој би ни покажал дека совеста се грижи за нешто. Зозе Мургоски во својот Речник, го внесол и тој израз “Грижа на совеста”. Чудно е зошто му требало тоа? Си дозволуваме да речеме дека во неговиот Речник има доста недоследности. Така е и сега, едноставно го зел српскиот израз “Грижа савести” го превел на македонски “Грижа на совеста”. Под тоа српско влијание, овој израз го слушаме доста често. Накусо! Насловот на односната епизода би требало да гласи “Гризење на совеста”, а не “Грижа на совеста”.

Слушнавме таму, во серијата, една јазична недоследност, што ја слушаме многупати и на други места и од други луѓе. Станува збор за поредбените степени. Прилогот “многу” може да се степенува – многу – повеќе и најмногу, а не најповеќе. А токму тоа го слушнавме од репликата на еден актер. Не може да биде НАЈПОВЕЌЕ, како што не може – НАЈПОМАЛКУ.

Значи: многу, повеќе, НАЈМНОГУ и малку, помалку, НАЈМАЛКУ. Не може ни најпомалку ни најповеќе.                                                                                                                                                         

Loading