РАЗВЕАНИ ЛИВЧИЊА

Грешки секогаш и насекаде. Кога сме дома, пред неговото величество телевизорот, полесно може да ги бележиме. Секогаш е тука, а пенкалото в раце. Понекогаш се случува да зачестат повеќе грешки, па мораме набрзина да ги бележиме и дури не ќе можеме да го прочитаме тоа што сме гозапишале. А грешки слушаме насекаде. На улица, во продавница, во аптека, по напишаните фирми. На многу места каде влегуваме, постојат и телевизори. Си тече програмата, а со тоа и грешките. Во ваквите ситуации го нема нотесот. А ако не се запишат грешките, се забораваат.

Ако имаме весник во рацете, ќе запишеме некаде на весникот. Честопати сме запишувале на амбалажата од некој производ што сме го купиле. Често и на грбот од фискалната сметка. Се случувало дури и тоа, кога не сме имале или не сме можеле да имаме никаква хартија и грешката сме јазапишувале на дланката од раката. И воопшто, на многуместа – на некои сметки што сме ги плаќале, на болнички упати и… Кога ќе се прибереме дома ги исекуваме ливчињата, го средуваме некако она што сме го забележале и го пренесуваме во нотесот или ги ставаме некаде на друго место. Често и забораваме каде сме ги ставиле. Таков е конкретниов случај.

Отворивме некаква книга, што подолго време не сме ја фатиле. Од неа се разлетаа, испопаднаа разни ливчиња. Ги собираме, ги разгледуваме, но не се сеќаваме од каде и од кого сме ги слушнале. Затоа сега ќе ги набележиме, но не ќе можеме да кажеме од каде се дојдени. Важно е да кажеме дека ваквите грешки од “терен” сме ги запишувале од места и од луѓе за кои сметаме дека не треба да прават вакви пропусти. На пример, сметаме дека касиерката не треба да вели дека ќе ги “куцне” на касата, туку да ги чукне, да ги отчука.

Ајде да почнеме. Ќе набележиме некои грешки за кои не сме сигурни кој ги направил. Една од нив: “Што се мене тиче”! Зошто? Зошто да не биде: “Што се однесува до мене”, како што треба. На друго место сме запишале: “ Болје така него другачије”. Не се сеќаваме точно на овие две грешки од кого се, но сигурно е дека не се направени од некој неук човек. Напротив, од човек кој мисли дека убаво се изразува. Сме забележале, веројатно во некоја продавница или во аптека: “Баш денеска добивме роба”. Не е важно каде сме го чуле ова, важно е дека тоа се слушана секаде. Секако, под влијание на српскиот јазик. Се сеќаваме на едно одамнешно време. Во економските и во трговските училишта се учеше една дефиниција: “Секој готов производ наменет за пазар се вика стока”. Додека се учениците в училиште велат СТОКА, излегоа ли, ситевелат – РОБА. А треба СТОКА. Сé што е стекнато се вика СТОКА, оттаму доаѓа зборот. А зборот РОБА, во нашиот јазик значи домашен фустан или модерно – ПЕЊОАР. Еве нешто што не ни паѓа на ум каде сме гочуле: “Од сите страни цури вода”. Немаме ние таков глагол “цури”. Затоа – “Од сите страни протекува вода”. ПРОТЕКУВА, а не ЦУРИ.                 Постојат зборови за кои обичните луѓе не знаат дека се српски. Но, зборот “цури” лесно се препознава дека не е наш. Сме забележале ваков израз: “Ждере кромид”. Тој глагол, “ждере”, не е наш и раката на срце, ретко го слушаме. Во Прилеп – многу малку или никако. Веројатно сме го чуле и сме го забележале  на ТВ, во некоја институција каде сме биле по некаква работа. Кај нас тоа е “Јаде кромид”. Ако се сака да биде тоа јадење понагласено може да биде “Гнети кромид”.

Ливчињата што испаднаа, што се разлетаа од книгата, не знаеме колку време стоеле. Не знаеме ниту каде сме ги забележале.Но, ги има насекаде.

Loading