БИСТРА ВОДА – НЕЧИСТ ЈАЗИК

Своевремено пупуларни беа шпански серии на нашиве ТВ. Во последно време, турските серии. Најпосле, за среќа, за наша среќа, македонска серија. Долгонајавувана, долгорекламирана, и најпосле, добредојденаста, “Бистра вода”. Поминаа неколку епизоди. Прекрасно! Извонредно! Значи, можеме и ние. Одлична актерска екипа.

Ќе се вратиме малку назад. Неодамна пишувавме за филмот “Мис Стон”. Рековме дека во поглед на јазикот не забележавме ниедна грешка. Малку порано го констатиравме тоа уште и за еден постар филм “Волча ноќ”. Така беше и со другите филмови од постаро време. Постои парадокс. Во тоа време беше голема грижата за јазикот. Проблем претставуваше актерскиот кадар. Во “Волча ноќ”, една од главните улоги (женска) ја толкуваше не актерка, туку студентка. Во “Мис Стон”, двете главни женски улоги ги толкуваа Олга Спиридоновиќ од Белград и Марија Тоциновски (!) од Загреб. Да кажеме дека Марија Тоциновски е родена велешанка. За време на војната останала без родители, одведена е во Загреб. Таму е порасната. Имаме сознанија од учесници во филмот дека Марија улогата ја толкува на македонски јазик, онака како што е напишано во сценариото. Во приватниот живот не сакала ни збор да проговори на македонски. Македонски комплекс, најверојатно. Но, за тоа во некоја друга пригода.

Рековме, во тие времиња немавме доволно актери, особено актерки. Дури и Цвета во “Македонска крвава свадба” ја играше Вера Ќукиќ од Белград.

Се сменија работите. Еве се роди наша серија. Гледавме неколку епизоди. Актери, актерска игра, да ги гледа човек со возбуда, со радост и со гордост.

Но,… Зошто кај нас засекогаш и за сешто мора да се појави некакво – НО?! Ја гледавме шпицата. Испишани имињата на сите учесници, режисер, сценарист, актери и сите други. Се напрегавме да видиме, дали ќе го прочитаме името на лекторот. Си рековме дека, можеби во првата епизода не успеавме да го видиме и го чекавме во втората. Не прочитавме. Значи, лектор нема! Е, затоа има грешки, јазични. Не малку! Многу! Веројатно и овде се сакало да се игра на скопскиот говор. Отфрлањето на членот е редовна и загрижувачка појава. На шпицата читаме: “Директор на фотографија”. Овде е јасно за која фотографија станува збор, за фотографијата на овој филм. Затоа именката треба да биде членувана – “фотографијата”. Читаме: “Дизајнер на звук”. Исто така, именката “звук” мора да биде членувана. Односниот учесник не е дизајнер на секој и на секаков звук. Тој е дизајнер на звукот во конкретниот филм.

Понатаму. Една од актерките (мораме да кажеме извонредна актерка) ги загубила апчињата. Ги бара и вели: “Не знам каде сум ги затурила апчињата”. Зошто глаголот “затурила”? Кај нас тој нема место со такво значење. Сте ги загубиле некаде, сте ги зафрлиле госпоѓо, не сте ги затуриле апчињата.

Еден од учесниците вели дека бил “у кладионица”. Некои ја “помакедончуваат” оваа именка и ја викаат “кладилница”. Зошто едното и зошто другото? Кај нас тоа си е обложувалница. А на предлогот “У” воопшто не му е местото овде. Едноставно, реченицата треба да гласи – “Бил во обложувалница”.

“Јадеш по кафани”, така вели еден од актерите. Толку ли е тешко еднаш да сфатиме дека кај нас именката е “кафеана”, а не “кафана”?! Од турскиот јазик ни е земена, буквално значи, кафе – куќа.

Објаснува нешто актерот и вели: “Доле на порта”. Пак скопски израз. “Долу на портата”. Именката “порта” треба да биде членувана, а прилогот (за место) треба да гласи – “долу”.

Уште неколку грешки. Редовно слушаме и во овој филм – “спрат” наместо “кат”. Слушаме “пилјар” наместо “продавач на зеленчук”. И на крајот, нешто без кое не можеме – пцостите. Слушаме во  филмот една актерка “п. материна”. Барем со тоа, со пцости сме богати исто како Србите. Зошто да не биде “п… мајчина”, на македонски?

Бистра вода – матен јазик.

Loading