ПРИЛЕПСКИ ПИЛОТИ ВО БРИТАНСКИ МИСИИИ

Британската политика за време на Втората светска војна во Македонија, па и во прилепско е специфична. Малку се расветлени личностите кои зеле учество. Истражувачот д-р Дукадин Камшикоски  открил дека Велика Британија посветила внимание на Македонија заради географската положба и комуникациите од северозапад кон пристаништето Солун и Средоземјето, Суецкиот канал и Блискиот исток. Македонија требало да биде важно подрачје за префрлање на силите на север и спречување на силите на Оската Рим- Берлин-Токио.

Британската политика спрема Македонија била изместена, поради брзата капитулација на Југославија и Грција. Дури британските сили биле повлечени од Крит. Во првите месеци од окупацијата во 1941 година, заради за спречување на планираната инвазија на Хитлер врз земјата, Британците имале слабо влијание на овие простори. Биле присутни само со разни агентури и пропаганди преку радиостаниците Лондон и Каиро. Преку Македонија, Велика Британија создавала врски со Василие Трбиќ и подоцна со неговиот син Војче Трбиќ.

Британија во 1940 година создала посебна тајна организација за специјални операции за собирање на податоци, вршење пропаганда против фашистичките окупатори и организирање оружени акции и диверзии на важните стопански и воени објекти значајни за фашистите. Се инсталирале разграноци во Каиро, од каде се планирало во 1942 – 43 година мисии со авиони во Македонија. Раководител бил лордот Гленкокер.

Пилотот Наумоски летал со кралот

Архивите говорат дека во Кајро биле собрани интелегентните авијатичари на Македонија, меѓу кои и прилепските пилоти Димитар Наумоски – Гагачот и Александар Тасески, познат како Цане Амбарот.

Наумоски е роден во Прилеп 1909 година во фамилија со антифашистичко расположение. Образованието го почнал во Прилеп. Желба му було да стане авијатичар.  Му се остварила по завршувањето на школата за воени пилоти. Работел во тогашна Југославија. При нападот на фашистите на Југославија, Наумоски бил во групата која требало да го префрли Кралот во Каиро. Тој е еден од пилотите на кралскиот авион. Подоцна престојувал во Каиро. За тоа сведочат дописните картички испраќани до својот брат. Подоцна е вклучен во каирскиот разгранок, бидејќи бил близок човек на генералот Боривое Мирковиќ.

Прилепскиот пилот во Каиро добил посебна задача. Бил определен за координатор на врските со Дража Михајловиќ и Наполеон Зервас. Бил спуштен ноќта на 22 – 23  јули 1942 година на планината Невесиње.

 Мисијата на прилепскиот пилот ги постигнала целите. Димитар воспоставил врски со Трбиќ во Македонија и се сретнал со Зервас. Наумоски ја водел мисијата на британската делегација. На пат кај Качаник, била ликвидирана. Тука загинал и овој прилепски воздухопловен капетан. Групата била ликвидирана од Дража Михајловиќ, зашто се претпоставувало дека со себе носи поголемо количество злато кое требало да му биде предадено на Трбиќ во прилепско. За Наумоски, освен овие податоци нема, други, но споменот за него го чуваат неговите блиски во Прилеп.

Цане Амбарот во втора британска мисија

По пропаѓањето на мисијата на Наумоски, Британците испратиле нова група да воспостави врски со Трбиќ, кој бил во Поречието.

Придружник бил воздухопловниот проучник Александар Тасески, Цане Амбарот. Тој бил добар познавач на Македонија. Го знаел добро Трбиќ. На чело на оваа мисија бил главниот инжинер и директор на рудникот во Радуша пред војната Џорџ Клифорд Морган, како и радиотелеграфистот Џоџ Бакан. Мисијата носела многу пари, злато, облека. Но, и таа не успеала, пропаднала. Не биле воспоставени врски со Трбиќ, кој од ден во ден ја губел довербата кај народот.

По двата неуспешни обиди да се воспостават контакти со Трбиќ, Британците контактирале со Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Врските зачестиле по капитулацијата на Италија.

Важно е дека Британците биле заинтересирани за аеродромот во Мало Коњари со силни ресурси на авионски бомби, бензин… Значајна била местополжбата на аеродромот, кој можел да се користи за полетување на нивните авиони спрема Блискиот исток и на север. Британците биле заинтересирани и за аеродромот во Зрзе и на Кадица, каде постоела можност за спуштање на авиони, а по пат на десант и на различен материјал. По ослободувањето на Прилеп овие цели биле постигнати.

Најголемо влијание во Прилеп од Британците имал капетанот Макдоналд, кој се спуштил со авион на Пајак Планина на 3 јануари 1944 година. Тој учествувал во преговорите за размена на заробеници од Прилеп меѓу партизаните и Германците. Размената се случила во селото Сенокос.

Loading