НЕ ПОСПАН, ТУКУ СОНЛИВ, ДРЕМЛИВ

Постојат зборови кои навлегуваат во нашиот јазик неусетно, без многу да се размислува. На една од нашиве национални телевизии, во ТВ серија, слушнавме ваква реченица: “Ти си поспан”. Вакво нешто во последно време слушаме и во Прилеп. Овој збор на ова подрачје не е карактеристичен, ниту пак се користи. Од Скопје, преку медиумите се шири употребата насекаде. Честата погрешна употреба, повлијаела дури и на Зозе Мургоски. И тој го внесол овој збор во неговиот речник, со значење – сонлив. Точно е тоа дека во Скопје се користи зборот со такво значење. Таму велат “поспан”, се разбира, погрешно. За таквата состојба на човекот имаме соодветни зборови – сонлив, дремлив, па и мамурен (мамурлив) .Пак ќе го споменеме Скопје. Медиумите се главно таму. Грижата за јазикот е мала. Слушаме погрешни зборови, луѓето (недоволно упатени) прифаќаат. Се врши јазична контаминација низ целата држава. Што значи зборот – “поспан”, односно што би требало да значи во нашиов јазик? Тоа е глаголска придавка. Се однесува за човек кој спиел малку, поспал малку, па се разбудил. Не е наспан, туку е малку поспан. За таквиот човек с се вели дека е сонлив, дремлив, мамурлив, не поспан.

Во серијата  “Бистра вода” слушнавме реплика: “Појадокот е готов”. Во серијата, главно се зборува на скопскиот говор, а според тој говор скопјани би рекле “Доручекот е готов”. Не знаеме, дали е тоа личен однос на соодветната актерка спрема јазикот или пак така напишал сценаристот. Како и да е, именката “појадок” е правилно употребена. Појадокот е, всушност, мало јадење, поткаснување, утринско. Не е јасно, зошто во ваквите случаи се отфрла зборот “поручек”. Некои тоа го толкуваат дека значело јадење по (после ручекот), па затоа не било правилно. Не е така. Значењето е речиси исто, со “појадок”. ПОРУЧЕК е јадењето утринско. Значењето не е после ручекот, туку е еден вид мал ручек, малку јадење. Како што е поодување, наместо одење, потрчување наместо трчање, повозување наместо возење… Според тоа, наместо ручање станува збор за утринското јадење да биде поручување. Но, добро! Во последно време за ваквите јадење, обично се вели ПОЈАДУВАЊЕ (појадок). Укажуваме дека ПОРУЧЕК не значи јадење после ручекот, туку тоа е утринското јадење.

Се употребува, речиси, редовно, една грешка. Мнозина тешко се снаоѓаат. Дури и од луѓе кои добро го владеат македонскиот јазик. Еве една таква реченица. Ја слушнавме во “Бистра вода”. Извесна девојка, вработена во полицијата му соопштува на соговорникот и му вели: “Повикани сте во полиција на службен разговор”. Многу честа грешка. Веруваме дека и во конкретниов случај, мнозина не ја препознаваат. А каде е грешката? Во персирањето! Кога се обраќаме во учтива, множинска форма, кога персираме, во множина се користат само заменката и глаголот, а никако не придавката или друг збор. Пример: “Вие сте убава жена”. Сме слушале редовно “Вие сте убави” или “Вие сте способни” и многу такви. Знач            и, “Вие сте убава (жена),  “а не “убави”. Така ќе биде и реченицата што ја споменавме : “ПОВИКАН сте во полиција на службен разговор”. Значи, ПОВИКАН сте, а не ПОВИКАНИ сте. Рековме, во множинска форма се употребуваат само заменката и глаголот. Во оваа реченица заменката е изоставена, а се персира само глаголот “сте” (помошен). Глаголската придавка “повикан” не се персира.    

Ако сакаме да пофалиме некоја пејачка ќе и речеме “Вие сте добра” (не добри) пејачка. Ако ја персираме и придавката “добра”, ако речеме: “Вие сте добри”, останува да виси именката пејачка. Не може да речеме: “Вие сте добри пејачка”.

Уште еднаш! Во множинска форма се употребуваат само заменката и глаголот. Многу грешки слушаме во обичната комуникација, а и на медиумите. На кусо – “Повикан сте”, а не “Повикани сте”! Малку е комплицирано. Луѓето, сакајќи да бидат учтиви, излегува обратно.

Loading