ЛЕТОТ НА ПЕПЕРУТКИТЕ ВО ВИТРИНА

Непроценлива колекција од седум илјади инсекти во Институтот за тутун

Примероци стари над 80 години

Најголемата  е околу 15 сантиметри

Над седум илјади препарирани инсекти, со тенденција за нивно зголемување, ја красат ентомолошката збирка при Институт за тутун. Тоа се разни видови инсекти, пеперутки, скакулци, муви, оси, пчели, бумбари и слично, односно разни видови двокрилци, тврдокрилци, опнокрилци, мрежокрилци. Тоа е катче природно богатство грижливо собирано од стотина стручнаци со години, засолнета во стаклени витрини.

Небаре се од друг свет

Најмногу од инсектите се пеперутки (лепидоптера). Фасцинира шареноликоста, боите и големината. Тие се најатрактивни во колекцијата. Кога ги гледате, имате чувство дека се живи и ќе летнат. Восхитуваат и го оставаат човека без здив во игрите на нијанси на жолти, бели, сиви, проѕирни, кадифени, какви ли не “везени” крилца од пеперутки. Убавина, како да е донесена од некој друг свет, а не дел од нашето дрво, цвет, трева, од нашата природа. Педантно и елегантно “витрински” се суредени по големини, “вгнездени” под стаклените превези на збирките и скоро седум децении сведочат за нашата богата фауна. Нежно галат со својата чудесна убавина и светлина. Изгледаат безопасно. Меѓу нив има и штетници на овошки и други растенија. Сите маѓепсуваат, просто го влечат погледот како магнет.

При блесокот на сонцето, крилата им прелеваат во разни нијанси, капејќи се во зраците. Тука е и најголемата пеперутка (сатурнија пири). Таа е штетник на крушата. Има дијаметар на крилата од 12 до 15 сантиметри. Пеперутките, заедно со другите инсекти од збирката, се сведок за нашата посебност и убавина.

Збирката е од непроценлива вредност, бидејќи го илустрира богатството на фауната во областа каде што се ловени инсектите. Најчесто од прилепско, но и од други места од Македонија. Богатството на Институтот го признаваат и потврдуваат многу странски научници.

Примероци од 1941 година

Ентомолошката збирка почнала да се собира пред речиси 70 години. Иако има примероци од 1941 година. Да го добие ,,сјајот,, и посебноста, најмногу придонесла Љубица Јанушеска, дипломиран земјоделски инжинер.

Нејзината работа ја продолжуваат колегите со голема љубов и трпение, создавајќи интересен, нов свет.

– Инсектите се прекрасни. Не се сите штетни. Тие во природата се со некоја причина. Познат е синџирот на исхрана во природата – велат од Институтот.

Во зависност по што е познато, што вирее на подрачјето, тутун или овошки, жита и слично, има посебни карактеристични инсекти.

Се ловат на разни начини. Преку светлосна ловилка, косење со кечер, со обоени водени садови, почвени проби. Потребно е знаење, внимателност и трпеливост и при препарирањето, зашто им се нежни крилцата – објаснуваат од Институтот.

Институтот за тутун со збирката од Одделението за заштита на тутунот од болести, штетници и плевели, во 1994 година, учествувал на првата Интернационална изложба под наслов “Флора-Фауна на Балканот”. Меѓународната карван-изложба била во Југославија, Албанија, Словенија, Италија, Бугарија, Романија, Унгарија, Турција.

Збирката предизвикува љубопитност и посетеност од многу граѓани и странство кои се запознаваат со богатството на природата.

Ентомолошката збирка и Инстутутот за тутун добивала благодарница за придонес и заслуга за афирмација од претседателството на Балканската унија за проучување и заштита на флората и фауната.

И пеперутките на диета“!

Во 1969 година имало забележано 160 000 различни пеперутки во светот. Многу видови се селат, како на пример пеперутките ванеса и монах. Кога се враќаат роевите покриваат широчина од 30 километри. Најпрво се јајце, па ларва и кокона и на крај возрасна пеперутка. Најмногу јадат во фазата ларва – гасеница. Некои не јадат никогаш повеќе во животот.

Мали ама пргави

Ентомологијата е наука за инсектите. Има околу еден милион инсекти опишани од научниците. Се смета дека бројката е многу поголема. На еден квадратен метар има помеѓу 500 и 2000 инсекти. Повеќето имаат шест нозе и телото им е составено од три дела. Некои се непријатни и здодевни, други пренесуваат разни болести, а трети го уништуваат она што човекот го создава. Скакулците, на пример, нанесуваат огромни штети на житата. Растителните вошки со одвај шест милиметри должина, прават огромно штети. Лути непријатели на човекот се светулките, кои се хранат со растителна храна. Богомолката се храни со други инсекти. Има околу 800 видови.

Loading