ЗОШТО ТАКА “ПОБОГУ” ?!

Извинете господин Коле Чашуле, но повторно ќе ве споменеме. А повторно ќе кажеме дека сакаме да ги слушаме вашите коментари, но јазичните грешки фрлаат голема дамка во вашето излагање. Почнуваме вака, на ваков начин, бидејќи и во друга пригода ги забележуавме грешките, но ретко ги споменуваме имињата на луѓето. Сигурно дека овој напис нема да стигне до очите или до ушите на Коле Чашуле, но не се преминува без коментар за некои очевидни јазични грешки.

За економската состојба во Македонија, Чашуле упатува критика кон високи раководители кои не можат да ги решаваат проблемите. За да ја потврди неспобноста, прави иронична споредба со француската кралица Марија Антоанета, ќерка на Марија Терезија. Кога прашала Марија Антоанета како живее народот, и било одговорено дека нема леб да јаде. Таа рекла: “Па нека јадат слатки”. Зборот “слатки” го употребуваме ние, а Чашуле вели “колачи”. Ваквата употреба е многу погрешна, а ја слушаме и ја читаме на секој чекор. Ја слушаме во (прекубројните) емисии за кулинарството. Дури и во Прилеп, каде отсекогаш слатките биле слатки, а сега читаме по излозите и по витрините КОЛАЧИ. Сето тоа е под влијание на скопскиот говор. Го слушаме тој збор и со погрешен акцент, на вториот слог одназад. А кога би се акцентирал правилно, на третиот слог одназад, тогаш ќе добиеме именка со сосема друго значење КОЛАЧИ, луѓе што колат. Инаку, имаме именка “колак” еден вид погача. Постои поговорка: “На царот данокот, на попот колакот”. Деминутивот од именката “колак” ќе биде “колаче” (колачиња). Значи, за именката “колачи” со такво значење, нема место во нашиот јазик. СЛАТКИ се тоа. Токму затоа продавниците или работилниците се викаат СЛАТКАРНИЦИ. Рековме, скопскиот говор, преку медиумите, врши големо влијание во сите места во Македонија. А баш тие, медиумите, треба да внимваат и да не користат вакви погрешни зборови. Па дури и погрешно да ја преведуваат реченицата на Марија Антоанета, (доколку навистина рекла така).

Критикувајќи ги (некои од политичарите) за лошото работење, Чашуле со револт извикува: “Па што по богу правите” ?! Овој израз го слушаме често во неговите коментари. Каде ли го најде? Овој израз е толку карактеристичен, толку јасно се препознава дека е земен од српскиот јазик. Постојат зборови за кои човек и да не е сигурен дека е српски и дали може да се употреби и во нашиот јазик. Овде не е така. Веднаш е јасно, се препознава, по падежната форма “побогу”. Во нашиот јазик се употребува таков извик за некоја чувствена реакција – ДО БОГА! Во некои случаи може и ДО ГОСПОДА, но “по богу” не може и не смее. Никогаш и во никаква ситуација.

Во некоја од нашиве ТВ слушавме разговор со луѓе кои ќе организирале некаков концерт. Познати личности кои прават мошне честа јазична грешка. Концертот ќе носел наслов “Уште ми фалиш!”. И оваа недоследност е резултат на влијанието од скопскиот говор. Сега веќе ја слушаме насекаде, од медиумите и од обичните разговори на луѓето . Зборот “фали” во македонскиот јазик е глагол. Во случајов глагол во сегашно време. Некој некого фали. Му упатува пофалби. Да речеме дека мајката го ФАЛИ своето дете дека било многу умно. Во минато време (несвршено) ќе биде ФАЛЕШЕ. Да си спомнеме:

Петре, Петре пиралче

на грамада седеше

многу ми се ФАЛЕШЕ

имам куќи сараи…

Во последно време се употребува со друго значење. Дека нешто некому му треба, му недостасува. На пример, “Ни фали поголема ангажираност”. И многу такви.

Насловот на односниот концерт би требало да гласи “Уште ми требаш” или “Уште ми недостасуваш”,  а не “Уште ми фалиш” .

“Фали ме усто, оти ќе те раскинам”! Зар не сме ја чуле оваа поговорка. ФАЛИ е глагол со кој се искажуваат пофалби.

Loading