СИ ТЕЧЕ “БИСТРА ВОДА”

Ќе дојде ли некогаш време кога ќе гледаме македонски филм, хумористична емисија или ТВ драма на македонски јазик? Дури и во народните приказни редовни, слушаме грешки. Тука тие се несвесни, ненамерни и од незнаење. А грешките во серијата “Бистра вода”, хумористичната серија “Зевзекманија”, “Нема љутиш”, тие се намерни. Така требало, било подобро, поефектно, ако се зборува на локален говор. Посебен неспокој создава “Бистра вода”. Ќе повториме. Прекрасна актерска екипа, убави кадри, режисерски решенија. Ч овек да се гордее што и кај нас постојат вакви актерски вредности. А јазикот “битпазарски”. Ретко, или поточно никогаш досега, не сме гледале наша серија со ваква радост, со ваква возбуда, а разочарувањето доаѓа од лошиот јазик. Зошто, зошто? Ништо нема да загуби од квалитетот ако се игра на стандарден јазик. Зошто да се фрла магла на убавото, на прекрасната, извонредната актерска игра?

Десетина години ги испраќаме овие написи во прилепскиот неделник “Зенит”. Досега не ни се јавила ваква потреба. Еве сега, одушевен од колегите, од актерите,  првпат, со возбуда, ни се јавува потреба да се споменеме една сцена од серијата. Еден лик ( Елена Жугиќ), во една сцена му соопштува на внукот дека умрел татко му. Голем актерски дар е потребен да се одигра таа сцена како што ја игра Елена. Настојува да биде смирена, воздржана, а очите се навирени, усните треперат. Му се присакува на човек да летне, да и честита. Браво!!! Не само за таа сцена. За сите. За сите актери, за сите режисерски решенија. За се она што го гледаме на екранот. За жал, не за се она што го слушаме, лошиот јазик. Зошто? Зошто оваа серија не дозволивте да биде македонска уметничка гордост? Зошто да слушаме :

-Што збориш?

-Излегува у град.

-Здивот ми се зема кога те видов.

-Свечено отварање.

-Свака част.

-Молим те.

-За време на ратот.

Ова се само дел од јазичните недоследности. Не може се да се забележи. Повторно се прашуваме. Што ли ќе загубеше серијата ако биде: Што зборуваш, свечено отворање, те молам, за време на војната. Онаа реченица: “Здивот ми се зема кота те видов”, да, тоа е баш по скопски. Треба да гласи “ми зе зеде”, а не “ми се зема”. Изразот “свака част” е чисто српски. Многу наши луѓе го преведуваат буквално – “секоја чест”. Тој превод не е најсреќно решение, но СВАКА ЧАСТ не смее во никој случај. Серијата обилува со вакви грешки. Демек, тоа било скопски говор, тоа било сленг. Безмерна употреба на србизми, на српски зборови, не значи дека е некој наш локален говор. Не значи дека е сленг. Сленгот се создава од нашите говори да не од употреба на српски зборови.

Слушаме ваква реченица – “Ти не знаеш, пошто си жена”. Зошто така? “Не знаеш бидејќи си жена”, а не “пошто си”. Ќе приведеме и една синтаксична недоследност. Еве: “Не се плаши, те држам”. Дали е јасен овој израз? Не, не е! Особено тоа е нејасно кај глаголите од “И” групата, како што е во конкретниов случај. Изразот “не се плаши” објаснува дека кај некого постои некаков страв, дека некој се плаши. А целта на реченицата е поинаква. Таа треба да гласи: “Не плаши се, те држам”, а не “не се плаши”. Ваква недоследност слушаме доста често, особено во преводите од странските серии. Па еве и сега во “Бистра вода”.

Прекрасна серија, НО… Но, јазикот кога би поминал низ погуст јазичен филтер се ќе беше побистро.

Loading