ПРАВИНАТА И КРИВИНАТА

Останала Правината без работа. Немала пари да си купи леб. Три дена гладувала. Шетала, одела овде-онде да најде леб, но не можела и викнала сирота:

– Сирота, што да правам, дали ќе умрам од глад, нема ли никој да ми помогне?

Ја слушнала Кривината и излегла пред неа:

– Што те мачи, а душко, што туку офкаш – í рече Кривината.

– Оф мори сестро, како да не офкам, кога три дена не сум каснала залак лебец. Живеам само со водичка.

– Бре, бре, за тоа офкаш? Ајде по мене, ќе те најадам од сите убајни.

– Сполај ти, ако сториш добро, да ми се најдеш, никогаш нема да заборавам.

Тргнала пуста Правина по Кривината, душа да најади, оти ќе умрела од глад. Оделе, оделе и влегла Кривината во една меана, а Правината по неа и седнале да ручаат на чесна трпеза.

Му викнала Кривината на меанџијата и му нарачала од сите турлии манџи и леб од најубавиот. Донеле сé и Кривината í рекла на Правината да јаде и ич гајле да не бере, оти таа ќе платела за јадењето.

На станување го викнала Кривината меанџијата да пресмета колку чини ручекот. Тој пресметал 20 гроша.

– Мошне добро. 20 гроша ти сакаш од мене, а јас сакам 60 гроша од тебе, што ти ги дадов еднаш кога дојдов. Врати ми го кусурот, уште 40 да се платиме и да си одиме – рекла Кривината.

– Какви грошеви си ми дал бре човеку? Не ти е срам што зборуваш така – рекол меанџијата.

Кога ги чу овие зборови, Правината стана и нога за нога појде и се скри зад врата, од срам од кривото што го правеше другарка í Кривината.

Кривината и меанџијата се расправаа.

– Чувај Боже – викаше Кривината колку што ја држи грлото.

Секој што ќе минеше се враќаше да види што е кавгата и секој што слушал мислел дека Кривината е во право, оти многу викала.

Виде-невиде меанџијата, извади 40 гроша и í даде на Кривината. Тогаш викна:

– Ах правино, правино, кај си?

– Море еве сум бре брате, зад врата, туку што да чинам, кога и јас јадев и валкана сум како Кривината – се одзвала Правината.

Оттогаш се одделија Правината и Кривината, и нема да се здружат за век и веков.

Loading