ПОЧВА, А НЕ ТЛО

Катастрофален земјотрес во Турција и во Сирија. Ужас. Разрушени згради, илјадници жртви. Помош од сите страни на светот. Информации безброј. Бројот на жртвиве се зголемува. Кај нас, како по обичај, расте и бројот на јазичните грешки. Вртиме на телефоните и донираме помош. Но, вртиме и на телефоните на сите ТВ да добиеме некаква врска. Сакавме да укажеме за некои јазични грешки. Нема шанса, никако не може да се добие врска. Телефонот ѕвони, не се јавува никој. Некаде објаснуваат дека ако сакаме да добиеме некој од новинарите, треба да притиснеме – 1. Притискаме, нема ништо. Не се јавува никој.

Од сите телевизии слушаме дека во загрозените подрачја тлото уште се тресело. Оваа именка “тло” ја слушаме редовно и многу често. Ја употребуваат сите без исклучок, новинари, коментатори, сеизмолози, обични граѓани. Сите. Најмногу слушаме од новинарите и сето тоа го прифаќаат сите. Еден, барем еден да се сетеше да погледни во Речникот. Ќе видеше дека таа именка во македонскиот јазик гласи ПОЧВА, а не ТЛО.

Поодамна се добиваа телефонски врски. Разговаравме со некоја лекторка. Укажувавме на грешката. Лекторката малку се најде во небрано. Наместо веднаш да прифати, таа врти ваму, врти таму, па вели дека тоа зависело од контекстот, дали тло или почва.

-Во никаков контекст госпоѓо, Како и да е, почвата е почва, а не тло. На крајот вели – “Добро, добро имате право”.

Се прашуваме, зошто да имаме право, зошто ние да го знаеме тоа, се разбира и мнозина други, а да не го знаат оние кои се должни да го знаат? А тие, сите запнале, тло па тло. Како што слушаме редовно КИЧМА, наместо ‘рбет, ОПОРАВЕН, наместо закрепнат (заздравен), ПРУЖА, наместо дава, овозможува и којзнае уште колку такви. Зошто еднаш не се застане на цврста почва и да почнеме да се грижиме за правилната употреба на македонскиот јазик?

Рековме, многу информации за земјотресот, многу дебати. Во една пригода слушавме искажување на специјалист по сеизмологија. Објаснува дека целата земја била раскомадана на четири тектонски плочи. Ете, значи била РАСКОМАДАНА. Именката “комад” на македонски гласи “парче”. Зошто да не се рече дека земјата е распарчена на четири плочи или разделена, туку, ете, била РАСКОМАДАНА? Господинот прави и други грешки, но не се забележуваат сите. Но, се прашуваме, зошто е така? Станува збор не за обичен човек, туку за висок интелектуалец!

Од новинарите слушаме и други јазични недоследности за земјотресите. Сите, како договорени објаснуваат со каква јачина бил земјотресот. Зошто уште не разбравме дека земјотресите не се мерат со јачина туку со сила, со интензитет, со магнитуда!

Ајде малку во една друга област. Се прават многу грешки со периодите преку денот. Ќе приведеме за пример една реченица: “Штипските пожарникари се спремни утринава да заминат за Турција”. Ова го слушаме во вечерни вести, а кога зборуваме навечер не можеме да велиме утринава. Народски, тоа би се рекло дека тие се спремни САБАЈЛЕ не САБАЈЛЕВО. Ќе го отфрлиме зборот “сабајле” како архаизам и ќе речеме – “Штипските пожарникари се спремни ИЗУТРИНА (не изутринава) да заминат за Турција”. Именката “изутрина” (утрина) не треба да се членува кога зборуваме навечер. Кога би зборувале наутро, ќе речеме ИЗУТРИНАВА ќе заминат.                                                

Loading