„НИТУ ЈА Е.., НИТУ НА ДРУГ ЈА ДАВА“

Пропаѓа државната сермија во Бизнис центарот

Додека администрацијата работи во субстандардни и опасни услови, државата го остави на милост и немилост 20 години просторот од илјада квадрати на цел кат во Бизнис центарот

Околу илјада квадратни метри државен деловен простор на еден кат од Бизнис центарот зјае празен и последниве години под клуч со метални решетки. Просторот, кој до неодамна беше полн со ѓубре, го јадат дождот и снегот, ветерот и сонцето повеќе од една ипол деценија. Додека дел од државната администрација се бори со глувци и инсекти во стариот објект на локалната самоправа, додека им тече од таваните на вработените во подрачните единици на министерствата за земјоделство, на пазарната инспекција, земјоделската инспекција, на секторот за имотно правни прашања на министерството за финансии или на неколку десетици вработени им виси опасност да им се урне таванот на главата на руинираниот објект, дотогаш стои и скапува државниот простор во строгиот центар.

Изградбата на катот беше финансирана со Тутунскиот комбинат при градбата на Бизнис центарот. Со влошувањето на економските состојби, поранешниот менаџмент на Комбинатот го компензира просторот со дел од државните долгови. Така едниот, четврт кат, на бизнис центарот стана државна сермија. Како што вообичаено се вика дека државата не е добар домаќин, се потврди и во овој случај. Прозорците се искршени, исчезнати се дури и рамките, а внатрешноста на државниот имот стои полна во прашина, отпад и нечистотија. За среќа, некој неодамна се сети, па го заклучи просторот да не биде дувло на наркомани, бездомници, пијаници и место за сомнителни типови кои прават ѓаволски сеанси на виделина или во ноќна темнина. Неколку локални власти се обидоа млако да ја заинтригираат државата да го суреди просторот и да ја прибери дел од аминистрацијата во пристојни услови за работа. Но, минуваа години, и никој не застана здраво да ја турне државата да си го одржува своето, а не да го остави на забот на времето.

Имаше и идеа просторот да се пренамени во станбен, бидејќи има добра инфраструктура и за таа намена со ситни интервенци, а и следните неколку катови нагоре се живеалишта на десетици семејства. За жал, пропадна или никој не ја истурка и таа идеја. ,,Пиеше вода,, идејата да се оттуѓи државниот простор, бидејќи, според некои проценки само за адаптирање во административен биле потребни околу еден милион евра. Идеите се редат, а сиромашната држава не води сметка за сопствениот капитал што í пропаѓа на скапа ачик локација.

Експерти по имотноправни односи велат дека со оглед на фактот што последниве години реално паѓаат цените на недвижнините, поради масовната миграција, најпогодно решение е државата да се куртули и да го продаде објектот во транспарентна постапка. За згрижување на својата администрација во почовечки услови треба да бара некое поевтино решение, макар што еден милион евра не е некој голем товар за трајно обезбедување на пристоен работен амбиент. Но, никој одговорен ниту од сегашната, а и ниту од минатата власт, не се запнува да ја истурка работата и да го стави во функција државниот простор, да го оживее мртвиот капитал и да престане однесувањето со државниот имот како на разгалено богато дете со играчка од илјада квадрати која веројатно вреди најмалку повеќе од трошоците за уредување.

Додека не се најде ,,локален државен маж со…,, да ја убеди државата да си го варди или да го продаде објектот, дотогаш ќе важи српската поговорка во превод – ,,Ниту ја е.., ниту на друг ја дава,,.

Loading