УСПЕШНА ПРИКАЗНА ОД ЕДЕН ИПОЛ ВЕК НА КОМБИНАТОТ

Кире Станкоски, генерален директор на Тутунскиот комбинат

Гигантот на тутунската индустрија во земјава, Тутунскиот комбинат, годинава одбележува јубилеј – 150 години постоење. Комбинатот е најстарата компанија во земјава. Долга историја која е нераскинливо врзана за Прилеп, каде почнало организирано тутунопроизводство. Градот станува центар на тутунската индустрија на Балканот и главен производствен центар за тутун, цигари и научни сознанија за тутунот. Еден ипол век минале со подеми и пададови, на Комбинатот му се закануваше згаснување.

За сегашната позиција на Комбинатот како успешна компанија, резултатите и стратешкото партнерство со Филип Морис говори Кире Станкоски, генерален директор.

Комбинатот слави редок јубилеј. Компанијата е една од најстарите не само во земјава, туку и на Балканот. Како течеше развојот?

Станкоски: Комбинатот е нераскинливо врзан со Прилеп, најмногу познат по тутунопроизводството. Прилеп е првиот град во Македонија каде почнало организирано тутунопроизводство, главен производствен центар за тутун, цигари и научни сознанија за тутунот и центар на тутунската индустрија на Балканот. Во Прилеп тутунот е повеќе од растение, културен и социјален феномен. Овде уште од кога се сади тутунот, кога се ниже, суши, кога се предава и се очекува да се добијат пари од вложениот труд, се планираат семејни настани, инвестиции во образованието на децата и во домот. Во Прилеп е и настариот Институт за тутун, кој наредната година бележи 100 години постоење. Таму се и експонатите во Музејот за тутун. Едноставно, оваа култура е белег на Прилеп и прилепско. Комбинатот успеал да ги мине сите премрежија и да опстои. Како момент на раѓање се смета 1873 година кога е изграден првиот магацин за тутун во Прилеп, од Отоманската управа на монополот. Од тогаш до денес оваа стопанска дејност доживеала големи промени, подеми и падови, но никогаш не се избришала од работните навики на прилепчани. Како денес, и порано тутунот имал големо економско значење, бидејќи со неговото производство до максимум се искористувале природните услови.

Во овие еден и полвек, забележливи се позитивни периоди за Комбинатот, но и негативни. Како гледате на опстојувањето на Комбинатот?

Станкоски: Нормално е што во долгиот период на постоење имало подеми и падови. Комбинатот од фирмирањето па во следните осум децении се занимавал со откуп и обработка на висококвалитетен ориентален тутун од типовите “Прилеп” и негова продажба на познати светски компании. Ова била примарна дејност со децении, до 1955 година од кога Комбинатот навлегува во бизнисот со цигари преку основање на претпретпријатие за производство на цигари од типот американ бленд. По осамостојувањето на државата, по  распаѓањето на СФРЈ,  го снема дотогашниот единствен пазар. Комбинатот беше димензиониран за земја од 22 милиони жители. Со осамостојувањето се појави превработеност што неминовно повлекуваше загуби. Оваа состојба траеше две децении. Го доведе  Комбинатот до работ на опстаноки зависностост од поддршката на државата преку дотации, како негов мнозински сопственик. Во поновата историја голема улога одигра и партнерството со Филип Морис Интернешнел (ФМИ). На заедничко задоволство, нашиот потенцијал беше препознат од  светскиот гигант во тутунската индустрија, со кого во 2014 година е склучено стратешко партнерство и е формирана заедничка компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП) која е дел од договорот за стратешко партнерство и претставува спој на традицијата и експертизата на двата ентитети.

Позитивните промени се јасно изразени во изминатите години. Каков ефект имаше склучувањето на стратешкото партнерство со Филип Морис Интернешнал врз Комбинатот?

Станкоски: Бенефитот на компанијата ФМТКП не е само финансиски. Позначајно е пренесеното знаење и експертиза без кои тешко дека ќе можевме да се вратиме на старите патеки и да градиме успешна економска приказна. Важна е помошта која ја добиваме околку организирање на производството и откупот на тутун со оглед на тоа што Филип Морис Интерешнл е најголем откупувач на тутун во Македонија. Благодарение на ова партнерство, успеавме да го стабилизираме работењето и интензивно да се трансформираме во ефикасна и модерна фабрика за производство на цигари и тутун во земјава. Се направи рационализација со превработеноста без никакви поголеми потреси. Комбинатот ги намали непродуктивните расходи, ја зголеми енергетската ефикасност, ја подобри состојбата во објектите, набави нова опрема неопходна за одвивање на производниот процес и се ослободи од непотребните залихи, со што драстично се подобри продуктивноста на компанијата.  Партнерството со Филип Морис Интернешнл придонесе за модернизација на производството и првпат, откако е изградена фабриката, се реновира производната хала од над 5.000 м2. Инвестирано е во нови машини, модернизирана е производната хала, што резултираше со производство на зголемен број брендови од портфолиото на Филип Морис Интернешнл, меѓу кои и меѓународниот бренд за. Комбинатот произведува квалитетни брендови кои на пазарот се пласираат преку заедничката компанија ФМТКП.

Во 2019 година првпат, по две децении, покажавте позитивни финаниски резултати. Лани со  воениот конфликт меѓу Русија и Украина почна нова глобална енергетска криза. Како е одразот на компанијата?

Станкоски: Не дозволивме негативен одраз ба економската, пред сé, енергетска криза. По почетокот на добриот тек на позитивни финансиски резултати и со излегувањето од листата на загубари, нормално е да стравуваме. Со добар план и работна стратегија успеавме и 2020 година да ја завршиме позитивно, дури и со поголема добивка од претходната 2019 година, кога таа изнесуваше половина милион евра. Во 2021 година, исто така остваривме пораст на добивката од 2,2 милиони евра. Ланската, 2022  година ја завршивме со позитивни финансиски резултати, односно со добивка од речиси 2,3 милиони евра, покрај зголемените оперативни расходи, најмногу поради зголемените цени на енергенсите. И двете години можеме да ги оцениме како исклучително успешни, бидејќи добивките се четирикратно пораснати во однос на 2019 и 2020 година. Резултатите покажуваат дека ги исполнуваме планираните параметри со тенденција да се продолжи со истото темпо и во наредните години.

Loading