ЧИСТА ДАНА

Во последно време проблемот со електричната енергија станува повеќе од актуелен. Слушаме разно-разни информации, а и јазични грешки. Како и многупати досега, слушнавме една ноторна бесмислица. Централата “Осломеј” била  исклучена, а другите капацитети работеле со полн капацитет.

Што ли се случува? Зошто нашиве луѓе централите, хотелите, фабриките ги викаат капацитети? И еве ја глупоста – капацитетите работеле со полн капацитет. Слушавме вести од областа на градежништвото – ќе се граделе нови капацитети. Слушавме дека во Охрид ќе се граделе нови хотелски капацитети. Како еднаш не се сфати дека централите не се капацитети, дека хотелите не се капацитети, фабриките исто така. Сите тие имаат свој капацитет, но самите тие не се тоа. Ова го слушаме од сите новинари, политичари, бизнисмени, директори. Господи прости им! Толкав им е капацитетот (јазичен). Белки некогаш ќе му текне некому да погледне во Речникот. Тоа е толку едноставно.

Редовно гледаме на Канал 5 сериска хумористична емисија. Инвентивни актери, актуелни теми и купишта, големи купишта јазични грешки. Божем, тоа било скопски жаргон. Србизми до бескрај. Грешка им е замислата дека баш така требало, дека токму така било најинтересно, да биде скопски жаргон.

Во една од последните епизоди чувме нешто што досега не сме го чуле. Еден од актерите објаснува дека бил на лекар (оториноларинголог) и таму ги перел ушите. Тој збор “перење” длабоко е навлезен (непотребно) во нашиот јазик, обично при миењето “перење” коли или пак “перење” пари. Еве сега слушаме дека се переле и ушите. Во нашиот јазик се перат само алиштата (се што е текстилно). Се друго се мие, раце, лице, чинии, лажици, овошје, зеленчук… У ште од прво одделение сите ние од тоа време кои уште ја газиме земјава, се сеќаваме на “Чиста Дана”.

Изутрина штом си стана,

На бунарот брза Дана.

Вади вода и се МИЕ

Уши лице таа трие.

Во тоа време немаше водовод, немаше чешми дома. Во дворот на Дана имало бунар и таа се миела на бунарот. Велиме се МИЕЛА и лице и уши. Од каде сега вакво “збогатување” на јазикот? Од кога ушите почнаа да се перат? Јасно е дека овде актерот зборува за затнати уши, па кај докторот му ги исчистиле, му ги прочистиле. Но, никако не може да се рече дека му ги испрале. Да се разбереме! Ова што го зборува актерот има некаква духовита поента. Но, се прашуваме колку би се намалила духовитоста, ако ушите се чистат, а не да се перат. Дури и не сме сигурни дека тој израз “перење уши” е дел од скопскиот жаргон. Сите тие такви изрази се преземени од српскиот јазик.

На ТВ Сител се емитуваше филмот Мис Стон. Којзнае колку пати сме го гледале. Филмот е снимен многу одамна, 1958 година. Си поставивме задача да го гледаме повторно. Сакавме да видиме дали ќе најдеме јазични грешки. Дали ги има многу. Се разочаравме. Не забележавме ниту една. Разочарувањето не беше од тоа дека немаше грешки, туку од тоа што грижата за јазикот тогаш била многу поголема, а сега е помалку од мала. Меѓу другото, таму го сретнавме зборот “одмазда”. Чисто македонски збор. А сега на некоја од нашиве телевизии се емитува серија “Освета”. Чисто српски збор.

СРАМОТА!

Loading