УНИВЕРЗАЛНАТА БЕШЕ НАЈУБАВАТА САЛА ОД БЕЛГРАД НАДОЛУ

Живот: Спомени од Ангеле Гулески и Тошко Арапчески

Покрај 150 години од Тутунскиот комбинат, годинава е јубилејот, 50 години од Универзалната сала. Хроничарот на прилепскиот ракомет, новинарот Миле Талески, во книгата “Монографија на прилепскиот ракомет и на РК Тутунски комбинат”, пишува дека на 18 мај 1973 при поставувањето камен-темелник била најавена како модерна откупна станица за тутун, па изградена само за стотина дена. Но ракометарите влегуваат внатре дури во јануари 1976 година.

Додека салата е под клуч, а некогаш вриеше од спортисти од најмали до најголеми, од рекреативци, и прекрасен амбиент, без празно столче за “запалената” публика, па и спектакуларни боксерски мечеви, дури и концерти на популарни пеачи и организирани незаборавни новогодишни дочеци, виси одговорот на прашањето дали само финансиски се причините за затворање на спортскиот храм во Прилеп со кој се гордеевме?

Првиот пријателски меч е одигран на 4 април со битолска Пелагонија (22:17), првиот првенствен на 11 април со Будуќност од Титоград (36:30).

Тогашните ракометари, голманот Тошко Арапчески и десното крило и пивот Ангеле Гулески се сеќаваат.

– Салата се направи во времето на директорот Душко Боцески. Беше голем настан, доживување. Толку години игравме надвор на асфалт и на земја, и кога влеговме в сала – радост. Кога влеговме, за тренинг, уште немаше паркет. Подоцна го поставија. Многу подруго е в сала. Преродба. Голема разлика. Кога игравме на отвореното зад киното, по завршувањето, се капевме со ладна вода од цевка издупена со бор-машина. Пикни се под цевката, па излегувај на корзо. Некогаш ни матеа на бунар да се измиеме. Едно време ги носеа до игралиштето стативите од училиштето “Кочо Рацин” со арабаџиска кола. Земавме мрежи од Победа. А в сала – убавини. Голман сум и не се фрлав да се стружам по асфалтот, туку бранаев со техники, со тело, со раце и нозе. Соиграчите можат да кажат какви повреди имаа на асфалтот. Паркетот ги амортизира падовите. А амбиентот е незаборавен. Трибините преполни, публика, навивање… За тоа време да играш на паркет, престиж беше. Ретко имаше град со затворен спортски објект – вели Тошко Арапчески.

На првата објавена фотографија се: Арапчески, Коруноски, Бозароски, Гулески, Станисављевиќ, Ковилоски, Николоски, Алексоски, Секулоски, Велјаноски, Кузманоски и Карески. Спомен е од првиот влез во Универзалната, објект за кој и вториот наш соговоник потенцира – најубавата сала од Белград надолу за тоа време. Всушност, во тие години ракометот се играше на отворено и само во најголемите градови имаа по некоја сала. И Битола немаше сала, а Скопје имаше само една мала за ракомет, Кале, без паркет со бетон, во која играше Работнички. Прилеп е во предност. Универзалната е препознатлива со спортот,

одбојката, кошарката и пред се ракометот. Ракометот доживува таков прогрес, што женската екипа Тутунски комбинат е силен југословенски второлигаш, машката екипа е блиску до прволигашкото друштво, дури и станува прволигаш при распадот на таа федерална држава. Прилепските ракометари се привилегирани кога тренираат и играат дома во салата, а мора да се прилагодуваат на гости каде уште се игра под ведро небо.

– Видовме сé и сешто, отворено и затворено. Игравме на земја, на асфалт, зад библиотеката, кај Вишата економска школа. Имавме волја, желба. И да врни, студи, се тренира, се игра. Во Струга имаше лапавица. Топката како риба во вода. Ни тие голови, ни ние. Чинам 3:2 беше резултатот. Дома имавме прекрасни услови, а на гости не. Дома на паркет и на покриено, на гости пак на асфалт. На асфалт губевме тесно, а дома победувавме со многу голема разлика. Тренер беше Симон Мерипушкоски. Во Раковица се лизгавме како риби на гумена подлога. Како на мраз. Во Прибој на Лим кога игравме цел ден врнеше. Топката се лизгаше. Салата е друго. Се по стандард: паркет, голови, линии, подоцна и семафор. Топла, бања… И да не се пуштеше парното, преку стаклата сонцето ја грееше од исток. До 2000 гледачи се собираа. Уживаа на трибините, терасите, патеките. Се гледаше добар ракомет. Како беше, само срцето знае да каже. Солзи ми навираат. Салата ни беше како втор дом – емотивно раскажува Гулески.

Јубилејот може да биде убав повод и поттик за активирање на Универзалната сала, за што се покрена градска иницијатива.

Loading