ПРИКРИЕНИ ГРЕШКИ

Некои грешки се повторуваат, а некои ги слушаме првпат. Но најважно е тоа што секогаш ги има во голем број. Не е само чудно, туку е и загрижувачко. Чести се грешките кои се повторуваат. Толку се чести што веќе и никој не ги забележува. Никој не помислува дека се тоа грешки. Особено во синтаксата, на редот на зборовите во реченицата.

Еве само неколку примери, неколку прашални реченици:

“Како граѓаните ги чувствуваат последиците од загадениот воздух”? Треба да биде: “Како ги чувствуваат граѓаните последиците од загадениот воздух?”

Друг пример: “Што Вие лично мислите”? Правилно – “Што мислите Вие лично”? Уште еден пример: “Како автобусот 120 пати ја поминувал границата”? Сме пишувале во повеќе наврати дека во прашалните реченици глаголот треба да дојде веднаш по прашалниот збор. А еве гледаме овде тој останал толку назад. Тоа е карактеристично за српскиот јазик, но не и за нашиот. Реченицата треба да гласи: “Како ја поминувал автобусот границата 120 пати”? Може и малку поинаква конструкција но важно е, глаголот “поминувал” да дојде по прашалниот збор “како”. Само некои кратки зборчиња може да се најдат пред глаголот. Во конкретниов случај тоа е зборчето “ја” – “Како ја преминувал”?

Постојат и други реченични конструкции кои редовно ги слушаме и никој, ама баш никој, не обрнува внимание. Станува збор за повторување на предметот во реченицата. Слушаме од висок политичар ваква реченица: “Ако го чуваме своето и здравјето на другите”. Не е јасно што е тоа “свое” што треба да го чуваме. Знаеме дека треба да го чуваме здравјето на другите, но што е тоа “своето”? Може да биде – своето расположение, своето реноме, своето внимание и којзнае уште што. Затоа, предметот, во овој случај “здравјето” треба да се повтори. Реченицата треба да гласи: “Да го чуваме своето здравје и здравјето на другите”. Но, работите си врват и никој не мисли. Како да е тоа најневажното, како да е тоа најправилното.

Да се префрлиме во поинаква област. Постоела некаква депонија, но таа веќе не се користела. Сега, некои почнале да фрлаат ѓубре во неа. Не известува новинарката и вели: “Повторно ја реактивирале депонијата”. Каков несмасен израз! Не може да биде – “Повторно ја реактивирале”. Суштината е во тоа што депонијата веќе не смеела да се користи. Ама, некои ја реактивирале, почнале повторно да фрлаат смет. Значи, ја реактивирале. Тоа значи дека повторно почнале да ја користат, повторно ја активирале. Повторно активирање е всушност реактивирање. Новото активирање е всушност реактивирање. Затоа, не може да се рече – ПОВТОРНО РЕАКТИВИРАЊЕ. Или реактивирање, или повторно активирање. Нема потреба од двата збора.

Почнавме со неправилни реченици, да продолжиме. Корупцијата стана честа тема. Ја имало во сите области. Тоа го констатирала и американската амбасадорка. Нашиве политичари како да се подразбудија. Како ваквата изјава малку да ги изненади. Се колнат дека ќе се борат против ова општествено зло. Еве една изјава на извесен министер: “Борбата против корупцијата ќе биде прв приоритет”. А дали можат и некои други приоритети? Приоритет значи нешто што треба да се решава прво. Не може да има втор или трет приоритет. Значи, борбата против корупцијата ќе има приоритет, тоа значи нешто прво што треба да се решава. Редовна грешка. Често слушаме и тоа дека некој проблем ќе биде најголем приоритет. Не може да има поголем или помал приоритет. Значи, предност ќе има решавањето на тој проблем, тој ќе биде прв за решавање. Ќе има приоритет. Не постои поголем или помал, како што рековме. Не постои прв или втор приоритет. Приоритет значи нешто што треба да се решава прво, што е ПРИОРИТЕТНО.

Сме забележале уште една реченица од оние каде што велиме дека предметот треба да се повтори. Реченицата гласи вака: “Имало контакт со неговиот и со кабинетот на Ковачевски”. Предмет во оваа реченица е именката “контакт”. Реченицата, ваква каква што е, не е јасна. Именката “контакт” треба да се повтори. Овде станува збор за кабинетот на Ковачевски, но не знаеме што значи, на што се однесува зборот “неговиот”. Може да биде неговиот стан, телефон и слично. Затоа предметот мора да се повтори. Реченицата треба да гласи: “Имало контакт на неговиот кабинет со кабинетот на Ковачевски”.

Loading